Скопскиот аеродром доби Наградата за квалитет на услуги

Ова е петти пат како Меѓународниот аеродром „Скопје“ е добитник на наградата за квалитет на аеродромски услуги. Претходните награди од АЦИ, беа добиени за 2012, 2013, 2015 и 2018.

153

Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) објави дека Меѓународниот аеродром „Скопје“ е добитник на Наградата за квалитет на аеродромските услуги (Еј-Ес-Кју) за 2019 година, рангирајќи го како еден од најдобрите аеродроми во Европа според искуството на патниците, во категоријата „аеродроми со број на патници од две до пет милиони годишно“.

Ова е петти пат како Меѓународниот аеродром „Скопје“ е добитник на наградата за квалитет на аеродромски услуги. Претходните награди од АЦИ, беа добиени за 2012, 2013, 2015 и 2018.

АЦИ ги објави добитниците на светски реномираната награда од Програмата за квалитет на аеродромски услуги денеска во своето седиште во канадскиот град Монтреал. Програмата за квалитет на аеродромските услуги на АЦИ ги препознава аеродромите низ светот што обезбедуваат најдобро искуство за патниците, според нивното мислење.

– Наградата Еј-Ес-Кју е глобален репер за совршеност на аеродромите. Со надминувањето на бројката од два милиона патници во една година во 2018 година, почнувајќи од 2019 година, Скопскиот аеродром се натпреварува во друга категорија според големината, односно во категоријата од два милиони до пет милиони патници. Ова автоматски значи и посилна конкуренција, но и покрај тоа, сепак ја освоивме наградата, што го докажува високото ниво на задоволство на нашите патници. Би сакал да им се заблагодарам на нашите вработени за нивниот труд, на нашите сестрински компании БТА (храна и пијалаци), АТУ (безцаринска продавница), ТАВ МОС (PrimeClass & Комерцијални услуги), ТАВ Технолоџис (ИТ услуги) и Еуроклин (услуги за одржување хигиена), како и на Полицијата и Царинската управа, како државни органи, присутни на аеродромот со нивните услуги – вели во пишана изјава Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Програмата за квалитет на аеродромски услуги на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) е водечка програма на глобално ниво за квалитет на аеродромските услуги за патници и референтна точка, што го мери нивното задоволство низ 37 клучни индикатори за успешност. Програмата се спроведува од страна на Еј-Ес-Кју-сертифицирани агенти за спроведување анкети, додека патниците се на аеродромот, преку прашалници на АЦИ за квалитетот на аеродромските услуги.

Аеродромите добитници на Еј-Ес-Кју наградата за 2019 ќе добијат плакети од страна на АЦИ на церемонија по повод доделување на наградите за квалитет на аеродромските услуги, што ќе се одржи за време на Глобалниот самит за искуство на клиентите на АЦИ во полскиот град Краков во септември 2020 година.

Минатата година на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид беа превезени 2,7 милиони патници, што е пораст од 14 проценти на годишно ниво, а во јануари годинава 184 илјади патници или за 15 проценти повеќе на годишно ниво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...