Популизмот кој го практикуваат политичарите на Западен Балкан е главен ограничувачки фактор за развојот на соработката на економиите, изјави денеска генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум Сафет Ѓергалиу.
– Поинаку кажано, кој е политичарот во регионот кој би решил проблем за развој на економијата за да ги изгуби наредните избори. Популизмот е голема болест на политичарите во регионот, а тоа го забавува процесот на слободен проток на стоки идеи и ги спречува бизнис релациитево регионот – вели Ѓергалиу.
Тој додаде дека поради популизмот голем број бариери кои му штетат на регионалниот бизнис не може да се отстранат.
– Како Коморски инвестициски форум се обидуваме да издејствуваме скратување на времето на проток на царините, признавање на лабораториските анализи и сите пропратни документи за проток на стоките и услугите. И тука не треба ништо да се измислува бидејќи сѐ е решено во ЕУ, значи треба да се преземе европската практика. Инаку, што значат бариерите може да се илустрира и со податокот дека само еден час застој на камионите на границите бизнисите ги чини две евра, а на границите камионите стојат и по 24 и повеќе часови Додека на овој начин доматите чекаат на границите, се претвораат во кечап – додаде тој.
На прес конференција во Стопанската комора на тема „Зајакнување на регионалната економска соработка преку активностите на Коморскиот инвестициски форум“, Ѓергалиу рече дека бизнисмените кои сакаат да работат не подлежат на популизмот и ограничувања.
Тој додаде дека на регионот му се потребни подобри трговски врски, инвестиции, мобилност и дигитализација.
– Растот на економиите е добар, но тој раст не треба да се гледа само преку растот на потрошувачката туку пошироко потребен е раст на инвестициите, на работните места на увозот и извозот и поголем опфат на производите во светот – рече Ѓергалиу.
Татјана Штериева од Стопанската комора соопшти дека со формирањето на Коморскиот инвестициски форум битно се подобрила трговската размена меѓу шесте земји од регионот.
– Во 2019 година трговската размена во регионот на Западен Балкан порасна на 1,5 милијарди евра. Извозот изнесува 734 милиони евра. За споредба во 2015 година кога се формира Комоскиот инвестициски форум трговската размена изнесуваше 1,09 милијарди евра, а извозот 584 милиони евра. Тоа покажува дека преку овој форум се направени обиди за пораст на соработката и се решени повеќе проблеми кои го запираа бизнисот – рече Штериева.
Бизнисмените од регионот, додаде таа, го поздравуваат секое олеснување кое го договараат политичарите од регионот.