Поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај побара оставка од министерот за европски интеграции Блерим Река поради неговата изјава дека е потребен компромис со Србија, на тој начин што ќе ѝ се даде транзитен коридор за излез на Јадранското Море, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека овој предлог на Река значи „враќање на Косово во Србија и отворање на патот на Србија за влез во Албанија“.
– Оваа уништувачка понуда ѝ овозможува на Србија да влезе во албанството и да го реализира вековниот сон за освојување на албанските земји. Овој министер треба веднаш да даде оставка пред и да му се побара тоа. Овие изјави и ризичните однесувања на Владата на измамата, првин за укинување на таксата и сега за понудата за излез на Јадранот, произведуваат последици на потчинување и политичка капитулација – пишува Харадинај.
Идејата за коридор за Србија, како замена за отстапување територија, Река ја изнесе во вчерашното интервју за државната телевизија РТК.
– Наместо ова што се зборува, или заговара дека наводно треба да се даде територија на Србија, јас имам една друга понуда. Ние можеме да ѝ дадеме на Србија транзитен коридор за излез на Јадранското Море, преку Косово, преку косовскиот автопат до Драч. И мислам дека тоа е фер компромис за Србија – изјави Река.
На оваа изјава на министерот за евроинтеграции реагира и опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), која смета дека таквите ставови се опасни за косовската држава.
„Оваа идеја на министерот на (партијата) Самоопределување претставува рехабилитација на сите историски напори на Србија, од „Начертањето“, балканските војни, проектите на Никола Пашиќ, Јован Цвијиќ и Иво Андриќ, за да направат да исчезне не само Косово, туку и албанската држава, се вели во реакцијата на ПДК“, која бара од премиерот Албин Курти веднаш да го разреши Река и да се дистанцира од неговиот „антинационален став“.