Смртоноснииот коронавирус во САД се шири брзо и досега има над 200 потврдени случаи на болеста, додека властите на сојузните држави прават напори да се спречи епидемија, но укажуваат дека натамошните тестови за вирус ќе откријат нови случаи.
Компаниите Фејсбук, Гугл и Мајкрософт, чие седиште е во Сиетл, но и многу други помали фирми од сојузната држава Вашингтон, им наложија на своите вработени да работат од дома.
До синоќа, потврдени се 205 случаи на коронавирус во земјата. Најмалку 75 заболени и 13 смртни случаи има во сојузната држава Вашингтон. На национално ниво, 156 лица се дијагностицирани во здравствените установи во САД, додека 49 со евакуирани од странство (46 од крузерот во Јапонија и тројца од Кина).
Официјални претставници, сепак, укажуваат дека бројот може да се зголеми, но дека засега нема потреба од паника.
– Ризикот од коронавирус за Американците останува низок, укажуваат експертите од разни институции и агенции со кои работиме – изјави синоќа американскиот потпретседател Мајк Пенс.
Тенеси, Њу Џерси и Тексас се последните држава со нови случаи на заболување.
Досега, најголем број на заболени има во Вашингтон – 44. Во сојузната држава починаа 10 лица, од кои шестмина биле згрижени во дом за старци.
Во Калифорнија се регистрирани 36 случаи. Државата вчера прогласи вонредна состојба и еден крузер со туристи кој пристигна од Хаваите во Сан Франциско не доби дозвола за влез поради забележани симптоми на заболувања. Сега на бродот се прегледуваат над 2.000 туристи за можна инфекција на коронавирус. Во средата во Калифорнија почина и првата жртва – таа била на туристичко патување на крузер од Мексико до Сан Франциско.
Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо во серија брифинзи изјави дека низ целата сојузна држава биле дијагностицирани 22 случаи на коронавирус, осум од случаите добиле инфекции од еден адвокат од Вестчестер. Двајца се од градот Њујорк, а еден е од Лонг Ајленд.
Во Илиноис досега се регистрирани пет случаи, додека четири на Флорида.
Во Орегон се откриени три случаи на коронавирус, додека во сојузните држави Аризона, Џорџија, Масачусетс, Њу Хемпшир и Роуд Ајленд има по два. Во Невада, Северна Каролина, Њу Џерси, Тенеси, Тексас и Висконсин има по еден случај на заболување.
Сенатот на САД синоќа во брза постапка одобри 8,3 милијарди долари итна помош за борба со смртоносното заболување. Средствата се наменети за производство на дополнителни брзи тестови за Ковид-19 и за развој на вакцина, но и за реализиција на други медицински изучувања и домашна нега на постари болни лица за да се спречи инфекцијата и смртноста.