Ангеловска: Подготвени сме да се справиме со евентуален шок поради коронавирусот

Според поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, државата мора да има план за справување со евентуален економски шок зашто во такви услови, не е исклучено приходите и извозот многу брзо да колабираат, економската активност да замре, а некои компании дури и да престанат со работа.

243

Има фискален простор за да се справиме со евентуален потенцијален економски шок што би можел да настане поради коронавирусот. Во позиција сме да реагираме во секој поглед. Буџетот е во одлична кондиција, одлична е и реализацијата на приходната страна, а раст има и кај сите даноци, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска во вечерашната „Топ тема“ на телевизија Телма.

Според неа, ситуацијата со вирусот е неизвесна во глобални рамки, не се знае кон што ќе води и поради тоа не може да се квантифицираат евентуалните влијанија врз државната каса.

– Македонската економија од аспект на Буџетот е подготвена да се справи со евентуалната глобална криза поради коронавирусот. Сценарија за тоа како ќе делуваме немаме креирано, но имаме разгледано што би презеле и што другите земји ќе преземат. Ниту една земја нема излезено со анализа и конкретен план што ќе прави, туку сите се на штрек. Работите се менуваат на дневна основа и треба брзо да се реагира – истакна Ангеловска.

Според поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, државата мора да има план за справување со евентуален економски шок зашто во такви услови, не е исклучено приходите и извозот многу брзо да колабираат, економската активност да замре, а некои компании дури и да престанат со работа.

Славески предложи на компаните да им се овозможи извесно одложување на обврските во однос на плаќањето на даноците зашто може да се случи вработени да останат без доход, па треба да се размислува и за тие луѓе.

 

– На надеж да темелиме очекувања дека ќе можеме да се справиме со посериозни последици од коронавирусот, не е паметна политика. Надежта дека нема да се случи поголем шок не е план, треба да имаме план. Оваа пандемија го забрзува надоаѓањето на глобалната рецесија за која има навестувања уште од лани, а во услови на голем, екстремен шок, приходите многу брзо може да колабираат, извозот исто, економската активност замира. Можна е и слаба реализација на приходите. Затоа, треба да имаме план. Треба да сме подготвени и за најсериозното сценарио зашто може да се случи и некои компании да престанат со работа, да се најдат во неликвидност – рече Славески.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...