НАТО сака да го намали бројот на свои војници во Авганистан од 16.000 на 12.000, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг за германски ЗДФ.
САД и талибанците, кои контролираат голем дел од Авганистан, изминатиот викенд во Доха потпишаа мировен договор по 19 години војна. Според документот, Американците и нивните сојузници се обврзуваат да ги повлечат сите свои трупи од Авганистан во рок од 14 месеци, а бунтовниците да го почитуваат договорот, вклучително и почетокот на разговори со Кабул за воспоставување траен мир.
НАТО уште во саботата објави дека планира да го намали своето воено присуство, но не наведе бројки.
– Патот кон мирот ќе биде долг и тежок, и затоа сè што правиме во Авганистан ќе има услови – рече Столтенберг.
– Мора да видиме дека Талибанците ги исполнуваат своите обврски од договорот – истакна тој.
Околу половина од 4.000 војници кои ќе го напуштат Авганистан ќе бидат американски трупи, а остатокот од други земји – рече Столтенберг.