Нема алтернаива, обновливата енергија е иднината на енергетскиот сектор

Македонија има реални шанси до 2050 година да стане општество кое компетно ќе биде ослободено од фосилни горива. Фосилните електрани ќе можат да се користат како резерва во случај да нема доволно сонце, вода или ветер.

174

Македонија нема алтернатива и мора да се фокусира на обновливите извори на енергија. Земјава иако има многу сончеви денови, нема многу фотоволтаични централи, а не е доволно искористена и енергијата на ветерот, сметаат експертите.

Според нив, при крај се и резервите на домашен јаглен поради што не е логично да се вложува во термоцентрали.

Тие нагалсуваат дека веќе поевтинуваат соларните фотоволтаични колектори за производство на електрична енергија и стануваат исплатливи за вградување во приватните домови, но проблем е, потенцираат експертите, што граѓаните не може да ги продаваат евентуалните вишоци на струја што би ги произвеле.

– Во државата не постои законска можност вишокот на произведена електрична енергија граѓаните да го продаваат на дистрибутерот ЕВН Македонија без да отвораат фирма – велат експертите.

Тие заедно со невладините организации бараат да се направат законски измени со кои ќе им се овозможи на граѓаните да ги продаваат нивните вишоци на струја без да основаат фирма и тоа да го прават само со договор со дистрибутерот ЕВН Македонија АД.

Македонија треба да инвестира во обновливи извори на енергија, а не во термопостројките

Македонија има реални шанси до 2050 година да стане општество кое компетно ќе биде ослободено од фосилни горива. Фосилните електрани ќе можат да се користат како резерва во случај да нема доволно сонце, вода или ветер, вели проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ.

Македонија, нагласува тој, мора да ги искористи сите расположиви потенцијали од хидренергија.

– Ако ги наравиме Чебрен и Галиште и десетте хидроцентрали на Вардар веќе сме направиле огромен чекор за максимално вклучување и на другите видови на обновливи извори на енергија – посочува Димитров.

Тој препорачува земјава да го искористи ветерот за производство на електрична енергија секаде каде што е тоа можно.

– Треба да го искористиме ветерот таму каде што може. Сметам дека за десет години, а можеби и порано ветерот ќе може да се користи на многу повеќе локации. Нашите ветерни постројки, што сега ги купуваме, можат да почнат да вртат ако ветерот е со брзина над 1,4 до 1,5 метри во секунда. Под 1,5 метри во секунда отпорот во лежиштето е толку голем што не може да се заврти перката. Работат до шест или 10 метри во секунда, а потоа се закочува за да не се разлетаат – појаснува Димитров.

Кај нас, додава професорот, нема многу подрачја со големи брзини на ветер. Тоа го има само на специфични локации и помал дел од времето.

– Ако поевтинат лежиштата со магнетна левитација, кои немаат никаков отпор, а очекувам тоа да се случи многу брзо бидејќи веќе се произведуваат во Кина, но и Сименс планира да ги развива, ќе можат да се постават ветерни електрани на многу локации во земјава, па дури и на приватни куќи – потенцира Димитров.

Во Кина, посочува тој, веќе три четири години експериментално се прават мали ветерни електрани со лежиштата со магнетна левитација  и тие се ставени покрај автопат и произведуваат струја од ветерот што го произведуваат возилата кои поминуваат, со која го осветлуваат патот.

– За четири до пет години лежиштата со магнетна левитација ќе станат поевтини, и ќе можат да се ставаат и на големите ветерни електрани со што тие ќе можат да произведуваат електрична енергија кога ќе има и ветер со брзина од само половина метар во секунда. Помали електрани ќе може секој да постави на куќа и да произведува електрична енергија. За 10 години има можност да има нови системи кои ќе произведуваат поефикасно електрична енергија од ветерот – прецизира Димитров.

Сончевата енегија недоволно искористена

Македонија има многу сончеви денови, но недоволна искористеност на сонцето за производство на електрична енергија. Воедно сонцето и ветерот може да се комбинираат за производство на електрична енергија, истакнува Димитров.

– Сончева енергија има многу во летен период, а во зимскиот ветер. Сонце има преку ден, а ветерот е некогаш ноќе. Затоа фазно системски не се преклопуваат, но во периоди кога има повеќе енергија можат да се пренасочат во производство на друг вид енергија, на пример топлинска и на тој начин може да се елиминираат фосилните горива за нејзино производство – посочува Димитров.

Сончевите фотонапонски колектори денеска чинат 900 евра по инсталиран киловат час. Ако се извршат пресметки излегува дека за седум години се враќа инвестицијата, а потоа струјата е без пари, појаснува Димитров.

– Денеска фотоволтаиците имаат коефициент на искористеност од околу 150 до 180 вати по метар квадратен и потребни се седум квадратни метри површина за да се произведе еден киловат час електрична енергија. Се тврди дека веќе има произведено системи кои произведуваат половина киловат на метар квадратен, но цената им е повисока. Со тек на време цената ќе се намали и ќе можат да се постават на куќите. Според моите просметки, повеќе се исплаќа на 20 години експлоатација да се инвестира во сончеви фотонапонски централи со пониски цени отколку во термоцентрала на јаглен – вели Димитров.

Иднината на енергетиката е во обновливите извори

И вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев се согласува дека иднината на енергетиката е во обновливите извори, а клучниот предизвик, како што вели, е како да се развиваат енергетските капацитети од обновливите извори и притоа да се воспостави механизам со тоа да не се влијае врз цената на електричната енергија што ја плаќа крајниот корисник.

– Дополнителен предизвик е како енергијата од обновливи извори да се избалансира во енергетскиот систем – вели Анѓушев.

Со новиот закон за енергетика, што е во собраниска процедура, како што потенцира тој, се предвидува Владата да доделува бесплатно државно земјиште за инвеститорите кои ќе изградат фотоволтаични централи. Се планира да се дава земјиште од петта и шеста категорија се додека не се исполни квотата од нови 200 мегавати. Инсталираната моќ од фотоволтаични електрани во Македонија сега изнесува само 16,8 мегавати.

– Покрај тоа се предвидува и воведување на премиум тарифи за стимул на оние што ќе градат фотоволтаици и се очекува да не биде поголем од 10 до 15 евра по мегават час. И државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) планира во текот на наредната година да изгради фотоволтаична централа со инсталирана моќ од 10 мегавати на просторот на депонијата на термоелектраната „Осломеј“. Се очекува да произведува 14,5 гигаватчасови електрична енергија и да чини седум милиони евра кои ќе се обезбедат со кредити – вели Анѓушев и додава дека оваа централа ќе биде најголема во Македонија од ваков вид.

Македонија енергетски сиромашна земја

Македонија нема алтернатива и од енергетски аспект е сиромашна земја. Домашните резерви на јаглен се на исцрпување. Осломеј три години е споменик, бидејќи нема јаглен. РЕК Битола се повеќе заликува на споменик зашто работи со два од трите блока, а со тек на време ќе работи со еден ако останеме само на домашните резерви на јаглен. Гас немаме, нафта немаме. Единствено имаме можност за обновливи извори на енергија, потенцира Анѓушев.

Вицеппремиерот прецизира дека Македонија во следните неколку години планира да ја намали потрошувачката на енергија за 14,37 отсто и додава дека тоа може да го направи само со енергетска ефикасност и со вложување во проекти за обновливи извори на енергија, односно енергетска транзиција. Владата, потенцира, апсолутно ќе биде посветена на обновливите извори на енергија и на зелената економија.

– Секогаш кога зборувате за обновливи извори на енергија зборувате за конфликт. Конфликтот е како да инсталирате обновливи извори, а при тоа да не влијаете на зголемување на цената на електричната енергија за крајните потрошувачи. Ако го решите тој конфликт тогаш сте решиле голем проблем – вели Анѓушев.

Светот, додава тој, тргна со фидинг тарфи, но во меѓувреме производството на опрема за обновливи извори порасна толку многу што цените на опремата почнаа да паѓаат.

– Тоа посебно се однесува за фотоволтаиците каде пред четири до пет години требаше за еден мегават фотоволтаик да вложите два милиона евра, а сега требаат 560.000 евра. Тоа оди во прилог дека веќе обновливите извори можат да станат и комерцијални извори на енергија и тоа е добра информација за Македонија особено во делот на фотоволтаици – потенцира Анѓушев.

Новиот закон за енергетика во насока на поддршка на обновливите извори на енергија

Со новиот закон за енергетика, кој е во собраниска процедура, е детерминирано да се посветиме на обновливите извори на енергија и зелената економија, порачува Анѓушев.

– ЕЛЕМ ќе направи три проекти. Ќе го прошири ветерниот парк Богданци и ќе направи нова ветерна електрана во околината со вкупна инсталирана моќ од 27 мегавати. Едното финасирање е веќе обезбедено од КфВ банката, а за другото веќе се преговара со ЕБОР. Врз база на веќе направената Студија за стабилност на електроенергетскиот систем во Македонија од МЕПСО амбиција е да бидат инсталирани сите 150 мегавати ветерни електрани со кои, според студијата, нашиот систем ќе биде стабилен. До денеска се изградени само 35 мегавати во ветерниот парк Богданци, за планираното проширување за15 мегавати веќе има градежна дозвола, а се очекува и за допонителни 15 мегавати – прецизира Анѓушев.

Ќе објавиме, најавува вицепремиерот, тендери за изградба на фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќ од 200 мегавати, но сега со премиум, наместо со фидинг тарифи.

– При тоа за да ја намалиме инвестициската вредност на проектите, односно трошоците на инвеститорите ќе одредиме државно земјиште од петта и шеста категорија, ќе го парцелизираме за проекти од еден, два до 50 мегавати и при тоа преку транспарента тендерска постапка ќе ги добијат локациите тие компании кои ќе бараат помал премиум, односно вредноста која ќе ја добијат по произведен мегават електрична енергија која ќе биде над продажната цена која тие сами ќе ја продаваат на слободниот пазар – вели Анѓушев.

На тој начин, според него, ќе направиме три вин-вин ситуации.

– Прво ќе инвестираме во обновиливи извори на комерцијален начин и нема да влијаеме на крајната цена на електричната енергија за корисниците, бидејќи ќе биде финансирана од страна на Буџетот и трето ќе го развиеме слободниот пазар на електрична енергија што е наша обврска кон Енергетската заедница. Цената која државата ќе треба да ја плати на годишно ниво ќе биде отприлика меѓу четири до пет милиони евра за 200 мегавати – вели Анѓушев.

Физибилноста на тие проекти, прецизира, моментално е околу 65 евра по мегават час електрична енергија, а пазарната цена на електричната енергија на слободната берза е околу 55 евра за дневна енергија, а фотоволтаиците произведуваат само дневна енергија.

– Значи разликата е 10 евра по мегават. Двеста мегавати по 2.000 работни часа, колку што во Македонија може максимално да се направат, по 10 евра се доаѓа до вредноста од четири милиони евра што државата треба да ги потроши за да се развијат 200 мегавати, толку колку што државата направила во изминатите 20 години – нагласува Анѓушев.

Чебрен и Галиште ќе се градат, ако банките дадат поволни кредити

Вицепремиерот за еконмоски прашања Кочо Анѓушев смета дека е можна иградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште, но само доколку се предвиди нивниот капацитет да биде реален и да изнесува околу 150 мегавати. За тоа, според него, може да се најде странски инвеститор, но и ЕЛЕМ може да ја гради со помош на државата.

Премиерот Зоран Заев, пак, прецизира дека  изградбата на  Чебрен и Галиште со намален капаците би чинела околу 220 милиони евра и оти земјава може сама да ги реализира, бидејќи е финансики стабилна, ликивидноста и солвентноста се зголемени, а има и многу средства во домашните банки. Тој очекува банките да понудат поволни кредити. Во спротивно, вели,  земјава ќе биде принудена да обезбеди пари однадвор.

– Преку десетици пати тендери не успеаја. Тргнавме на една реалистична основа. Проценката на инвестицијата е околу 220 милиони евра. Убедени сме дека ЕЛЕМ како главен столб на производството на електрична енергија, може да го понесе овој капацитет заедно со Владата и сите институции – вели Заев.

Веднаш штом ќе се обезбеди финансирањето, додава, ќе бидат повикани сите градежни компании во Македонија кои можат да работат вакви проекти.

– Изградбата би траела пет до осум години зашто се работи за сериозен проект и во делот на производството на електрична енергија и во делот на водоснабдувањето на целиот регион каде новата акумулација би можела да биде за развој на земјоделството и други активнсоти во Централна Македонија – рече поремиерот.

Во земјава тече и проектот за изградба намали хидроелектрани со капацитет до 1 мегават. Веќе се изградени 68 вакви електрани, а во фаза на градба се уште триесетина. Согласно планот предвидено е во земјавада се изградат околу 400 мали хидроелектрани.

Со кредитна линија од ЕБОР до подобра енергетска ефикасност на домаќинствата

Во моментов се работи и на законот за енергетска ефикасност кој ќе биде во целост усогласен со Енергетската заедница Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) преку ГЕФФ Програмата во Македонија, која е дел од Програмата за Западен Балкан проектирана на 85 милиони евра, почна со финансирање на домаќинствата за зголемување на нивната енергетска ефикасност преку кредитна линија вредна четири милиони евра што ќе се пласира преку Охридска банка Сосиете женерал и Шпаркасе банка Македонија.

Дополнителни четири милиони евра е планирано да се реализираат преку други локални банки. Со овие средства се планира да бидат опфатени 2.500 домови.

Физичките лица ќе можат да подигнат кредити од банките, за да се снабдат со технолошки решенија за користење на зелената енергија, како што се прозорци со двојни стакла, енергетски ефикасни бојлери или термална изолација за домовите. Домаќинствата кои ќе инвестираат во технологии на енергетска ефикасност ќе можат да аплицираат за грант од ЕУ во износ до 20 отсто од нивната инвестиција.

Според податоците на ЕБОР, помалку од 10 отсто од домаќинствата во Македонија имаат импелементирано мерки за енергетска ефикасност.

– Секое евро инвестирано во енергетска ефикасност штеди 2,2 евра во производството на електрична енергија. Токму оттука тргнува целата логика на стимулацијата на енергетската ефикасност – порачува вицепремиерот Анѓушев.

Валентин Јанковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...