Власта уверува дека ТВ програмата нема да згасне од понеделник на полноќ

Секое драстично решение кое ќе биде на грбот на граѓаните, ќе има подеднакво негативен ефект и на самите оператори и на радиодифузерите., велат о Министерството за информатичко општество и администрација.

869
БЕСПЛАТНА ФОТО ПИКСЕЛС

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) уверува дека се преземаат потребните мерки да не се случи исклучување на каналите, откако телекомуникациските оператори најавија дека во понеделник на полноќ ќе престанат да ги реемитуваат домашните и странските телевизии, а граѓаните се во недоумица што ќе се случува.

Од Министерството велат дека постојано се одржуваат состаноци со операторите и со радиодифузерите со цел да се најде решение на проблемот бидејќи нема можност да се одложи промената на спорниот член од Законот за аудио и аудиовиуелни и медиумски услуги донесен во 2018 година.

– Секое драстично решение кое ќе биде на грбот на граѓаните, ќе има подеднакво негативен ефект и на самите оператори и на радиодифузерите. Едноставно сите ќе изгубат. Решението е во дијалог во насока на наоѓање на решение за проблемот. Ние сме оптимисти, уверени дека такво решение постои, а се надеваме дека постои и добра волја. Решението е во дијалогот. Сакаме да ги увериме граѓаните дека се преземаат сите потребни мерки и дека нема да дојде до исклучување на каналите – велат од Министерството и апелираат на општествена одговорност од страна на сите заинтересирани страни.

Оттаму потсетуваат дека земјава има децениски проблем со почитување на авторските права.

– Ние сме последна земја во Европа во која сѐ уште владее вакво беззаконие. Доколку операторите и радиодифузерите досега се договореа за механизми за начинот на кој ќе се обезбеди почитување на авторските права, денес немаше да бидеме во ваква ситуација – велат од Министерството.

Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, додаваат оттаму, се донесе со консензус во Собранието во декември 2018, во инклузивен процес, долга јавна дебата и поддршка од страна на Европската комисија и високиот претставник на ОБСЕ за медиуми Харлем Дезир.

– Иако неговата примена се одложи за повеќе од една година, сепак ништо не се смени и продолжи непочитувањето на авторските права – велат од Министерството.

Од Македонската асоцијација на медиуми, како што изјавија за Плусинфо, засега не сакаат да коментираат како ќе се однесуваат во понеделник за кога Здружението на информатичко-комуникациските технологии најави нивно исклучување од дигиталната мрежа. Оставаат да видат како ќе завршат разговорите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...