Заев ветува 100.000 работни места, просечна од 600 евра и минимална плата од 300 евра за 4 години

Растот на платите ќе биде побрз и пореален. За четири години планираме просечната плата да порасне на 36.000 денари (600 евра) , а минималната плата да се искачи на 18.000 денари (300 евра). Платите за образованието и здравството ќе пораснат за 20 отсто, рече Заев.

822

За период од четири години нови 100.000 работни места, повисоки плати за 20 отсто за образованието и здравството, намалување на стапката на невработеност под 8 отсто и кај младите невработени под 20 отсто, најави лидерот на СДСМ Зоран Заев, презентирајќи дел од економската програма на партијата, „Програма економија 20-24“ за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.

Во своето образложение на Програмата Заев рече дека овој пат владата на СДСМ целосно ќе се посвети на економијата, бидејќи политичките прашања се веќе решени.

– Нема веќе спор со Грција, преговори за НАТО…. сега ќе се свртиме кон економијата – рече Заев.

Во наредниот четиригодишен мандат, како што рече, ќе се зголеми поддршката за компаниите од 600 милиони евра, од кои 300 милиони евра ќе бидат обрезбедени од буџетот и 300 милиони евра се очекува поддршка од Европската унија.

– Растот на платите ќе биде побрз и пореален. За четири години планираме просечната плата да порасне на 36.000 денари (600 евра) , а минималната плата да се искачи на 18.000 денари (300 евра). Платите за образованието и здравството ќе пораснат за 20 отсто – рече Заев.

Тој најави 0 персонален данок за вработените во ИТ индустријата.

– Ќе се развива модел на „номади“ во оваа индустрија како и целосен поврат на персоналниот данок за обуки на кадри – рече тој.

Заев соопшти и дека ќе продолжи проектот младински додаток од 3.000 денари како и  обезбедување  грантови од  5.000 до 15. 000 евра за вработување, но и поврат на персоналниот данок за вработување на невработени до 29 години.

Тој најави и поголема социјална помош како и зголемена помош за земјоделците.

– Покажавме дека платите и пензиите можат да растат. Тоа ќе се случува и во следниот мандат. Убедени сме дека граѓаните ќе ја препознаат нашата чесна понуда. Убедени сме дека ќе застанат зад нас – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...