Азески: Добивањето датум за почеток на преговорите значаен поттик за зголемена економска активност

145

Членството во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ за земјава може да бидат значаен поттик за зајакнување довербата во државните институции, за заштита на приватната сопственост, за поттикнување на конкуренцијата и, во целина, за остварување на сите битни претпоставки за владеење на правото во вистинска смисла, а тоа би ефектуирало во зголемен прилив настрански директни инвестиции, како и зголемена економска активност, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески на панел-дискусијата што ја организира Мрежата за деловен развој на Југоисточна Европа.

Панел-дискусијата беше дел од настанот посветен на соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан, а се одржа на 25 февруари во Виена.

Азески, кој беше претставен како нов член на Советодавниот одбор на Мрежата, пред учесниците истакна и дека политичките тензии и натаму претставуваат пречка за внатрешната стабилност и регионалната интеграција, како за нашата земја, така и за останатите земји од Западен Балкан. Честите избори (во 2020 година во Македонија, Црна Гора и Србија, а во 2021 година во Албанија и локални избори во Босна и Херцеговина), како и „чекањето“ на прагот пред ЕУ, имаат одредено влијание и врз бизнисот. Економскиот раст на регионот се уште е воден од потрошувачката која е главен двигател на економските активности во регионот.

– Ниската продуктивност е карактеристика, не само за земјава, туку и за регионот. Од друга страна, за земјите од Западен Балкан, Европската унија е најголемиот трговски партнер и важна дестинација за извоз, како и значителен извор на странски директни инвестиции (СДИ). Азески рече и дека компаниите од ЕУ се најголеми инвеститори во регионот на Западен Балкан со преку 10 милијарди евра директни инвестиции во изминатите пет години. Во Западен Балкан во периодот 2007-2015 година 72,5 проценти од вкупните странски инвестиции доаѓаатод компании кои се од земји-членки на ЕУ, а тој тренд, според Азески, продолжува до денес, наспроти надворешно-трговската размена меѓу земјите од Западен Балкан, која изминативе години се движи од 12 до 18 отсто, оцени претседателот на Комората.

Како клучни области во кои има простор за подобрување на состојбите со цел подобрување на економскиот амбиент за компаниите од земјава и регионот, Азески ги посочи прашањата поврзани со олеснување на пристапот до финансии, поддршка од аспект на развивање соодветни вештини (специјализација, кадар во согласност со потребите на бизнисот и дигитализација на производството) и пристап до глобалните пазари.

– Во таа насока се и заложбите на бизнис-заедницата за олеснување во фазата на царинење на граничните премини преку поедноставување и намалување на бројот на документи, електронска размена на податоци помеѓу царинските служби, целосно усогласување на регулативата преку елиминирање на административните бариери кои го попречуваат брзиот проток на стоки и услуги меѓу земјите од Западен Балкан, напомена Азески.

Мрежата за деловен развој на Југоисточна Европа е основана од страна на еминентни менаџери, претприемачи и дипломати од регионот на Југоисточна Европа, Германија и Австрија, чии активности се насочени кон вмрежување на малите и средни претпријатија од регионот на Југоисточна Европа, како и на големите производствени и услужни компании од регионот, со цел иницирање на нови партнерства, креирање на нови бизнис-можности и зајакнување на поддршката на земјите од регионот на Западен Балкан во процесот на пристапување кон Европската унија. Преку учеството во оваа организација, Азески ќе го прошири дејствувањето на полето на регионалната економска соработка преку вмрежување на компаниите од државите на Западен Балкан со партнери од Австрија, Германија, Словенија, Хрватска и Унгарија, во насока на обезбедување забрзан економски раст и просперитет на регионот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...