Кина доби филмски град, голем колку 500 фудбалски стадиони. Комплексот е претставен како најголемата светска инвестиција во овој сектор и има амбиција да привлече голем број снимања.
За изградба се потрошени 6,5 милијарди евра, а се протега на 376 хектари, во туристичкото место Чингдао, на кинескиот приватен конгломерат „Ванда“, иницијатор на проектот.
Триесет студија, меѓу кои најголемите во светот со површина од 10.000 квадратни метри, веќе се изградени. Во следните неколку години ќе се градат уште десет.
Покрај локација за снимање и пост-продукција, фараонскиот „филмски град на Истокот“ вклучува и сали за културно-уметнички настани, училиште, болница, луксузни хотел…..
Исто така постои и џиновски трговски центар со 360.000 квадратни метри со модерни продавници, кафулиња, ресторани, лизгалиште, забавен парк, воден парк и „најголемото кино во Азија“.
– Тоа е најголемата инвестиција во историјата во филмскиот и телевизискиот сектор, тврди „Ванда“.
Компанијата предводена од Ванг Јианлин (четврти најбогат човек во Кина, според Блумберг) не е непозната во филмот. Продуцира филмови, го купи американскиот синџир на кина АМС во 2012 година и го купи холивудско студио „Леџендари“ во 2016.