Здружението на Информатичко-комуникациските технологии: Ние не сакаме да ги исклучиме ТВ каналите!

Оттаму уште еднаш потенцираат дека се подготвени за средба и за изнаоѓање на решение  на оваа ситуација која им нанесува штети на сите страни, а најмногу на корисниците.

887
БЕСПЛАТНА ФОТО ПИКСЕЛС

Од Здружението на Информатичко комуникациските технологии реагираа на изјавата на министерот за информатичка технологија и администрација Дамјан Манчевски. Оттаму велат дека тие не сакаат да ги исклучат ТВ каналите, туку напротив, ги направиле сите потребни чекори за да не дојдат во таква ситуација што ја наложува законската регулатива.

„Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ) за нас претставуваат акт на јавна власт кој има ефект на ситуација на Виша сила и го оневозможува нашето нормално работење. Ние како и досега докажавме дека сме спремни за дијалог со сите засегнати страни. Но, за жал нашите укажувања за неприменливоста на овие измени не завршија со конструктивно решение. Напротив, Измените на ЗААВМУ беа донесени по брза и нетрансапретна постапка на последната седница на Собранието пред неговото распуштање. Не вродија со плод ниту укажувањата од Европската комисија дека ваквите измени се спротивни на ЕУ директивите и дека вакво законско решение не постои во ниту една земја членка на ЕУ. Нема потреба од дополнително регулирање на авторските права , бидејќи истите се веќе регулирани со друг Закон. Заштитата на авторските права се врши преку суд, при што оној чие право е повредено треба да го заштити своето право на суд, но против оној кој го прекршил тоа право, а не против тој што само технички ја реемитува програмата, со регулирани права за реемитување. Измените на ЗААВМУ што сега се на сила се целосно непримелниви,  бидејќи на операторите кои реемитуваат програмски содржини им наметнува да гарантираат за авторските права на програми што не ги произведуваат, а за тоа да сносат кривична одговорност. Ваквата ситуација создава дополнителна конфузија во целата област бидејќи воведува одговорност на операторите за туѓи дејствија, што е правно целосно неиздржано“, наведено е во реакцијата.

Оттаму додаваат дека ваквата одговорност која им се наметнува е апсурдна.

„Дополнително сметаме дека Измените на ЗААВМУ се и спротивни на Уставот поради што и поднесовме Иницијатива до Уставниот суд за носење на времена мерка со што очекуваме примената на овој закон да биде суспендирана, се додека Уставниот суд не донесе одлука за поништување на овие неуставни измени на Законот“, се додава во реакцијата.

Уште еднаш потенцираат дека се подготвени за средба и за изнаоѓање на решение  на оваа ситуација која им нанесува штети на сите страни, а најмногу на корисниците.

Претходно, Стопанската комора соопшти дека граѓаните ќе бидат принудени да ги гледаат програмите само на јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал, доколку институцииите не ги повлечат последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ) донесен пред распуштање на Собранието, а кој се однесува на обврските и одговорностите на операторите преку кои се реемитуваат програмите на домашните и странските телевизиски канали.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...