ЕУ му даде мандат на Барние да преговара за идното партнерство со Британија

45

Министрите за надворешни работи го усвоија мандатот за преговори со Обединетото Кралство за идното партнерство помеѓу двата блока. Преговорите и натаму ќе ги води Мишел Барние.

– Советот усвои јасен и силен мандат за нашиот преговарач, Мишел Барние, ова ја потврдува нашата подготвеност да понудиме амбициозно, опширно и балансирано партнерство за Обединетото Кралство со бенефити за двете страни. ЕУ е сега подготвена да ги започне преговорите – соопштија министрите за надворешни работи.

Мандатот ѝ овозможува на Европската комисија да ги води преговорите под палката на Барние.

ЕК ја поздрави министерската одлука преку претседателката Урсула фон дер Лајен.

– Сакаме да изградиме блиско, амбициозно идно партнерство, ова е од интерес на граѓаните од двете страни – изјави таа и се заблагодари за довербата на Советот и на Европскиот Парламент.

Европската Унија сака да воспостави фер услови за конкуренција помеѓу двете страни, кои нема да ги загрозат европските стандарди во делот на здравството, животната средина, социјалните права и економијата, а истовремено ќе овозможи интензивна билатерална трговија, со нула царини и квоти врз добрата.

Една од најчувствителните точки за двете страни е риболовот. Европската Унија смета дека е неопходно идното партнерство да овозможи реципрочен пристап до водите и стабилна пропорција на квоти. Договорот за риболовот треба да биде етаблиран до први јули оваа година, сметаат министрите на ЕУ.

Двете страни ќе треба да преговараат и за низа други области како дигиталната економија, безбедноста, споделувањето информации, надворешната политика, одбраната, судството, полициската соработка.

Обединетото Кралство треба својот преговарачки мандат да го обелодени в четврток.

Европската Унија очекува овој мандат да биде во согласност со договорените принципи во претходната спогодба за Брегзит. Преговорите би требало да започнат во март.

Фото: EU-EPA-EFE-STEPHANIE-LECOCQ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...