Албанскиот премиер, Еди Рама, кој учествува на самитот на Европската банка за обнова и развој- ЕБОР, во Лондон, уште еднаш го бранеше балканскиот мини Шенген, како иницијатива што ќе создаде повеќе олеснувања за граѓаните на Балканот.
Иницијативата ја оцени како успешна, иако досега се договориле само Белград, Тирана и Скопје.
– Треба да кажам дека не се согласувам со тој кој го измисли терминот „Мини Шенген“, кој фактички не е мини! Ние просечно сме највисоките во регионот. Тоа е регионално, заеднички регионален простор, кој се реферира на шенгенот, за да се разбере дека се работи за четирите слободи на Европа – изјави Рама.
Додаде дека балканскиот Шенген се прави не само за мирот, туку и за иднината на балканските народи.
– Не заборавајте дека до 2014 година, не сме седнале вака заедно на средба, да седнеме без оружја и без омраза, без крвoпролевање за да разговараме за иднината. Сега ние треба да одиме напред. Ние имаме уште големи проблеми за решавање, ние работиме за да заедно одиме напред, да биде поразлично од тоа што сме го наследиле. Ова мислам дека е многу важно. Не се работи само за мирот, туку и за иднината на нашите народи – рече Рама.
Тој посочи дека е многу значајно што во Лондон се собраа лидерите од регионот на Западен Балкан и покрај тоа што државите имаат проблеми и несогласувања едни со други, како во случајот на Косово со Србија.
– Овој регион напредува кон иднината оставајќи ги зад себе одмаздата, крвопролевањето и омраза – нагласи Рама.