Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека новиот коронавирус глобално не е вон контрола ниту предизвика смртни случаи од големи размери и оти е прерано да се зборува за пандемија.
– Зборот пандемија не одговара на фактите. Мораме да се фокусираме на спречување додека се подготвуваме за потенцијална пандемија – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.
Шефот на програмата на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан осврнувајќи се на ситуацијата во Иран, истакна дека високата стапка на смртност може да укаже на откривање само на тешки случаи.
Тој додаде дека тим на СЗО утре ќе пристигне во Иран.
Иранскиот пратеник од градот Кум, Ахмад Фарахани ја обвини Владата во Техеран дека ја прикрива вистината за ширењето на новиот коронавирус. Властите објавија дека досега од коронавирусот се починати 12 лица, но според Фарахани, смртните случаи се околу 50.
Иранскиот заменик министер за здравство, Ирај Харирчи „категорично ја отфрли“ таквата информација, додавајќи дека „сега не е време за политички конфронтации, бидејќи коронавирусот е национален проблем“.