Американскиот претседател Доналд Трамп најави зголемување на трговските врски меѓу САД и Индија и ширење на севкупната соработка меѓу двете земји.
Тој рече дека САД е подготвена на Индија да испорача одбранбена опрема – од дронови и хеликоптери до ракетни системи.
– Се радуваме на испораката на Индија на најдобра воена опрема, која предизвикува најголем страв, истакна Трамп на обраќањето пред повеќе од 100.000 луѓе на стадион во западната индиска држава Гуџарат. Непосредно пред посетата тој најави испорака на воена опрема во вредност од три милијарди долари.
Американскиот претседател, исто така, нагласи дека заедно со Индија ќе го решава прашањето на радикалниот исламски тероризам.
За време на дводневната посета на Индија, Трамп ќе ја посети палатата Таџ Махал и ќе одржи серија состанови со индискиот државен врв во Њу Делхи.
По пристигнувањето, Трамп на аеродромот беше пречекан од индискиот премиер Наредра Моди. Пречекот за Трамп вклучуваше и народен танц покрај црвениот тепих, а насобраните граѓани држеа илјадници картонски маски со ликот на американскиот претседател. На стадионот многумина носеа бели капи со натпис „Добредојде Трамп“.
Трамп пристигна со ќерката Иванка и зетот Џаред Кушнер, како и членови на својот кабинет, меѓу кои и министерот за трговија Вилбур Рос.