Презентација на македонските туристички потенцијали на Белградски саем на туризмот

140

Во организација на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, заедно со агенциите и хотелиерите денеска во Белград на 42. меѓународен саем на туризмот, каде се петставени 40 држави и 900 учесници, беа презентирани македонските туристички потенцијали, јави дописникот на МИА.

Покрај природните убавини, Скопје и Охрид, на српските туристи годинава им се нудат и туристичките потенција долж патниот правец Е-75, националните паркови, гастрономијата и винските тури, со што и годинава очекувањата се да продолжи трендот на зголемување на српските туристи во нашата држава.

– Растот на српските туристи е во рамките на очекувањата. Комплетно целиот туристички сектор има раст од 3 -5 проценти и нешто поголем е бројот на ноќевања. Очекувам дека и оваа година српските туристи во поголем број ќе не посетат и нивниот раст ќе биде двоцифрен, што го очекуваме и за целата Адриатик регија, а фокусот ќе биде насочен и кон српскиот пазар – изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

За разлика од Србија, која со појавата на кинескиот коронавирус веќе бележи пад од 60 проценти на кинеските туристи, македонскиот туризам не е погоден од оваа епидемија.

-Ние не сме толку изложени на кинескиот пазар и општо на азискиот пазар, досега имавме визна либерализација со кинескиот пазар и поради тоа тие ја избегнуваа нашата дестинација. Мислам дека во регионот најголем удар ќе осетат Словенија, Хрватска и Србија, затоа што во овој дел од Адриатик регијата има во просек годишно 350.000-400.000 кинески туристи, изјави Љупчо Јаневски.

Годинава на српскиот пазар поактивно се презентираше и општината Крушево, кое како што изјави градоначалникот Томе Христовски преку традицијата, историјата и како авантуристичка и бренд дестинација со четири сезони сака да го надмине ланското зголемување на туристи од 70 проценти.

-Крушево годинава имаше светско првенство за параглајдерство, има голем број патеки за велосипедизам, авантуристички парк и карпа за болдеринг. Ова севкупно значи поголем раст и развој на општината и се поголем број на туристи. Крушево само за една година бележи раст од 70 отсто на зголемена посетеност, а во првиот квартал од 2020 за разлика од лани имаме за 30 проценти зголемена посетеност. Општината е должна на туристите да им овозможи подобра инфраструктура и подобри услови за престој и наша цел е туристите да престојуваат еден ден повеќе, што би значело подобра туристичка такса, а со тоа и раст и развој на Крушево, изјави градоначалникот Христовски.

Белградскиот саем на туризмот е еден од најголемите саеми во регионот, кој во просек секој година го посетуваат над 70.000 потенцијални туристи, тур оператори, хотелиери и други туристички работници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...