Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан и Генералниот директорат за Европска соседска политика и преговори за проширување (ДГ НЕАР) ќе подготват серија конкретни предлози и решенија корисни за деловната заедница во следните месеци, пред Самитот на Западен Балкан во Загреб. Предложените решенија ќе овозможат полесно и поевтино компаниите да остварат бизнис релации во рамки на регионот на Западен Балкан и да го олеснат влезот на заедничкиот пазар при забрзување на регионалната и економската интеграција со Европската унија – истакна Марко Чадеж, претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Србија, при средбата со Директорот на ДГ НЕАР, Кристиан Даниелсон и неговиот тим во Брисел.-Дојдовме во Европската комисија за многу специфични теми, разговаравме за специфични теми и проблеми на бизнисмените од Западен Балкан и наидовме на многу добри реакции и подготвеност да работиме заедно на оваа проблематика – додаде Чадеж.
– Нашиот разговор бараше јасни решенија, бидејќи деловната заедница, додаде Чадеж, не размислува за методологии за креирање кластери и групации, туку е заинтересирана само за тоа како стоката полесно да влезе на пазарите на Европската унија и да ги преминува границите побрзо, како да се намали производството и трошоците за извоз, дали постапките ќе бидат поедноставни и дали нашите инженери ќе можат да одат во други земји, да инсталираат опрема и машини и да ги одржуваат, итн.
– Пред претстојниот Самит во Загреб би сакале да постигнеме значителен број на предлози и решенија за деловната заедница, особено во делот на процесот на интегрирање на пазарите на шесте економии на Западен Балкан во еден единствен регионален пазар, но и дефинирање на односите на регионот со Европската унија – истакна Чадеж.
Тој додаде дека сите предлози ќе се засноваат на прашањата што влијаат директно врз економијата и компаниите индивидуално, на пример, како изгледаат нашите гранични премини, кои се процедурите, каква е нашата заедничка проценка на ризикот, како се зема примерокот на земјоделски производи и како можеме да ги усогласиме сите овие процедури.
– Нашата крајна цел е во иднина да ги намалиме трошоците на нашите производители и да им овозможиме да бидат што е можно поконкурентни во сите сектори на бизнисот, без разлика дали станува збор за автомобилската индустрија, ИТ-секторот или прехранбениот сектор и да овозможиме полесен влез на нашите производи на заедничкиот пазар – потенцираше Чадеж.
извор: (Стопанска комора на Македонија)