Finance Think: Забрза просечниот раст на платите, просекот за 2019 година е 25.213 денари

Finance Think ги нагласува своите наоди во однос на две важни прашања сврзани со платите: Мерата во која порастот на минималната плата поттикнал пораст на останатите плати; и ефектите од мерката за субвенционирање на платите.

604

Просечната плата во 2019 година изнесува 25.213 денари и бележи раст од 3,9 отсто што се должи на порастот на минималната плата и зголемените плати во јавниот сектор,како и порастот на платите во приватниот сектор поради пазарот на трудот, оценува Институт за економски истражувања и политики Finance Think.

Го пренесуваме ставот на Институтот.

Просечната плата во 2019 година порасна за 3,9% на годишно ниво, и изнесува 25.213 денари. Овој раст е понизок од растот во 2018 година, кога просечната плата порасна за 5,9%. Сепак, споредено со периодот 2010-2017, кога просечниот раст на платите изнесуваше само 1,8% годишно, растот во последните две години значително забрза.

Слика 1 – Месечна просечна нето плата. Извор: ДЗС.

Ваквото забрзување на растот на платите се должи на неколку фактори: порастот на минималната плата во септември 2017 година, од 10.080 денари (и 9.690 денари во три сектори) на 12.000 денари, односно зголемување од 19%, усогласувањето до 12.507 денари (4,2%) во 2018 година и порастот на 14.500 денари (15,9%) во ноември 2019, или кумулативен пораст од 43,8%.

Порастот на платите во јавниот сектор, и тоа, кумулативен тригодишен раст 2016-2019, во јавната управа и одбраната од 7,7%, во образованието од 10,8% и во социјалната заштита од 19,7%.

Порастот на платите во приватниот сектор, предизвикан од подобрувањето на состојбата на пазарот на труд, преку намалување на невработеноста и засилувањето на оскудноста на бараните вештини коишто работодавците сѐ потешко ги наоѓаат на пазарот.

Ваквиот пораст на платите е остварен во услови на стабилни цени, односно годишна стапка на инфлација од 1,5% и 0,8% во 2017 и 2018 година, соодветно. Тоа значи дека реалниот пораст на платите и, оттука, реалниот пораст на животниот стандард на населението изнесува 4,4% и 3,1% во двете години соодветно, или просечен кумулативен пораст од 7,6%.

Finance Think ги нагласува своите наоди во однос на две важни прашања сврзани со платите: Мерата во која порастот на минималната плата поттикнал пораст на останатите плати; и ефектите од мерката за субвенционирање на платите.

Статистичките анализи на Finance Think укажуваат дека порастот на платите во приватниот сектор повисоки од минималната плата е многу малку или воопшто не е воден од притисокот што го создава минималната плата.

Имено, наодите од нашата Студија за политиките 17: Анализа на ефектите од измените во Законот за минимална плата укажуваат дека наместо т.н. „спирала на плати“, настанало концентрирање на платите околу новото ниво на минималната плата, т.н. „урамниловка“, при која помалку продуктивните работници се изедначиле со попродуктивните работници (види Слика 2).

Слика 2: Спирала на плати? – 10 август 2019.

Како одговор на ваквата концентрација на платите околу новото ниво на минималната плата, владата започна да го субвенционира порастот на платите, преку преземање на даночниот товар од социјалните придонеси при пораст на плата во опсег од 600 до 6.000 денари. Ваквата мерка беше воведена паралелно со порастот на минималната плата на 14.500 денари.

Според проекциите на Finance Think, оваа мерка ќе ја поддржи формализацијата на „платата во плико“, чиј вкупен ефект се проценува дека ќе додаде околу 750 денари на просечната плата (види Слика 3).

Слика 3: Ефекти од субвенционирањето на платите преку формализација на платата во плико. – 5 септември 2019

Забелешка: Симулацијата на ефектите од мерката за субвенционирање на платите е вршена на просекот од платите за месеците јануари-јуни 2019 година од 24.788 денари.

Првичните пресметки покажуваат дека мерката за субвенционирање на платите, на својот почеток во ноември 2019 година, придонела кон пораст на просечната плата во рангот од 100 до 200 денари.

Понатамошниот и евентуално целосниот ефект од оваа мерка, како и ефектот од зголемувањето на минималната плата на 14.500 денари, ќе може да се согледа во текот на 2020 година. Остатокот од зголемувањето на просечната плата во ноември и декември 2019 година е резултат на ефектите споменати погоре, кои значајно не се разликуваат од ефектите врз просечната плата што во овие месеци се набљудуваат во претходните години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...