Тргнувајќи од определбата на Стопанската комора на Македонија дека извозот е клучот за остварување поголем раст и развој на економијата на земјата, годинава одбележувањето на 98-годишнината на Комората беше во знакот на презентирање на студијата на ОЕЦД за развојот на економиите на Западен Балкан, како вовед во панел-дискусија со истакнати и потврдени домашни претприемачи, експерти и професори. Идејата беше да се отвори дискусија и дебата: како земјата може да поттикне поголем економски раст и развој?
Во таа насока, Анита Рихтер и Прземислав Ковалски, претставници на ОЕЦД, пред стопанствениците, експертите и претставниците на државни институции ја презентираа студијата на ОЕЦД со наслов: „Глобална Југоисточна Европа: Ослободување на трансформативниот потенцијал за раст во Западен Балкан“ во рамки на која беше ставен акцент на повеќе анализирани ситуации за земјата, но и за регионот на Западен Балкан.
Студијата констатира дека за да може една земја да биде конкурентна треба да извезува високотехнолошки производи. Бруто домашниот производ е зависен од комплексноста на производите. Колку е комплексноста поголема, толку и можноста за раст на БДП е пореална. А за тоа колку една земја е развиена говори структурата на нејзиниот извоз. Во Македонија доминира традиционално производство, но присутно е и производство на комплексни производи со висока додадена вредност, наменети за извоз. Во рамки на презентирањето на студијата беше заклучено дека заедничко за земјите од Западен Балкан е производство на земјоделски производи, делови за автомобилската индустрија, што како пазари ги прави слични.
Но, што е тоа што може да се промени и нашата земја самостојно но и заедно со земјите од регионот да поттикнат поголем економски раст – беше прашање за учесниците во панел-дискусијата која ја водеше м-р Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија.
Проф. д-р Кочо Анѓушев, панелист, претставник на „Брако“ од Велес, констатира повеќе проблеми. Вели, ако некогаш главен проблем биле финансиите и идејата, сега број еден проблем е недостигот на кадар. Како втор проблем/предизвик го лоцира начинот како да се произведат високо технолошки производи, кои се клучот за креирање производи со поголема додадена вредност. Но за ова Анѓушев вели дека е потребна промена на технологијата (нови машини), мора да има луѓе кои ќе бидат обучени за високотехнолошки производи, за што е потребна едукација внатре во компанијата и многу важен елемент е менталитетот на менаџментот. Во таа насока, тој потенцира дека е потребно корпоративно управување, следење на производството, контрола на квалитетот како предуслов за имплементација на високотехнолошко производство, односно акцентира 3 проблеми. Своето излагање проф. д-р Кочо Анѓушев го заокружи акцентирајќи три клучни фактори за развој согласно искуството во металната индустрија: мора да се произведуваат производи со додадена вредност, да се користи нова технологија и компанијата да има менаџмент со искуство. Без овие компоненти нема одење напред!
Александар Гечев, како сопственик на компанија од металуршкиот сектор со инвестиции во земја-членка на Европската унија, посочува дека постојат екстерни и интерни предизвици кои влијаат на работата на македонските компании. Акцентот во своето излагање како панелист го стави и на фактот дека многу домашни и странски компании работат со поголем број на вработени од оптималниот број, поради ниската продуктивност. Решението на долг рок го гледа во реформирано образование кое треба да придонесе за зголемување на продуктивноста, а на краток рок – преку инвестиции во нова технологија, која може да придонесе и за решавање на проблемот со животната средина и намалувањето на отпадот. Но и тука постои проблем бидејќи земјата се соочува со недостиг од висококвалификуван кадар кој ќе може да работи со софистицирани машини и опрема од 3-та или 4-та индустриска револуција.
Никола Деребанов од „Перминдекс“ – Градско, укажа на потребата од комплетно реформирање на аграрната политика со ставање акцент на окрупнување на земјоделското земјиште, како и промена на моделот на субвенционирање со поттик на големите комбинати и нова даночна политика во агросекторот. И за оваа дејност клучен проблем е недостигот од стручен кадар.
Во улога на менаџер во странска компанија – инвеститор во технолошко индустриските развојни зони во РС Македонија, во автомобилската индустрија, Боријан Борозанов посочи дека постои голем потенцијал, без разлика на негативните трендови. Околу 50% од европското производство на „Џонсон Мети“ е лоцирано во Македонија, што покажува дека за краток период може да се смени структурата на производство на една земја, но ова носи и ризици, за тоа колку сме адаптибилни да создадеме услови оваа фабрика да остане активна во земјата во следните 50 години (да не се пресели производството во друга земја).
Потребата од кадар преку увоз на работна сила беше една од темите за која се дискутираше на панел-дискусијата. При тоа, беше посочено дека многу поголем акцент треба да се стави на постојната работна сила за да се зголеми продуктивноста. Фокус, според Борозанов, треба да се стави на секторите кои го создаваат најголемиот дел од БДП кои ги дефинира како национални шампиони.
Професор д-р Ирена Кикеркова од Економскиот факултет при УКИМ – Скопје, проблемот го лоцира во приоритетите што се поставени во последно изработената национална стратегија пред 22 години. -Во тоа време, вели Кикеркова, фокус беше ставен на воскреснување на производството на автобуси, бидејќи во Македонија постоеше фабрика за автобуси. Уште тогаш стратегијата целеше привлекување на странски инвестиции во високотехнолошки сектори. Сите стратегии за привлекување странски директни инвестиции (СДИ) се фокусираа на тоа да им дадат големи погодности на странските инвеститори, а акцентот беше кон висока невработеност на квалификувани работници. При тоа, најголем недостаток на работна сила ни се случи поради одлив на високостручна работна сила за што треба да говориме отворено. Големите држави увезуваат работна сила, но тие имаат развиени механизми за нивно интегрирање. Ваква стратегија кај нас е тешко изводлива. Трошокот за привлекување на СДИ е поголем од самите ефекти. Ако се прекинат поволностите, висок е ризикот дека таквите компании ќе го преселат капиталот во друга земја која нуди подобри услови.
Втор регионален проблем е голем број на граници и различни процедури за извоз на стоките на стратешките пазари кои се наоѓаат на територија на ЕУ. За пофалба се заложбите на Царинската управа која во изминатите години работеше на различни иницијативи и проекти за поедноставување на царинските формалности.
-Оттука, вели професор Кикеркова, потребно е менување на визијата за регионот за нашата економија. Мора да имаме предвид дека ниската еколошка свест е врзана со ниската продуктивност. Не помалку важно е и тоа што, според Кикеркова, нема јасна стратегија на Европа за регионот на Западен Балкан, што не беше случај со нејзината визија за Вишеградската група на земји.
Професор д-р Дарко Лазаров, од Економскиот Факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, констатираше дека земјата има тотално промашен економски модел во последните 28 години. Со овој економски модел невозможно е да се оствари повисок раст од 2,5%. Забележуваме константен раст на извозот, но истовремено расте и увозот, што укажува на фактот дека имаме „ЛОН“-производство, односно произведуваме производи без голема додадена вредност.
Прв предизвик, вели професор Лазаров, за домашната економија е да се зголеми сегашното ниско ниво на индустријализација. Имаме неповолна индустриска структура, 30% од вработените се во текстилната индустрија која има продуктивност од 3200 евра по работник, а машинската индустрија, иако има 15 до 20 пати поголема продуктивност по работник, опфаќа само 1% од вработените во државата. Просекот на ЕУ е 16% на учество на индустријата. Единствен излез на македонската економија е фокусот да биде исклучиво кон извозот.
Оттука, професор Лазаров смета дека реиндустријализација и целосно насочување на системската поддршка на државата кон извозот се решение за постигнување на подобри економски резултати во државата.
Секако, за раст на македонската економија освен преструктуирање на домашен терен потребно е да се направат чекори и на регионално ниво, односно поголема застапеност на пазарите во регионот, царински и гранични олеснувања, по примерот на „one stop shop“ со Србија, развиена транзитна инфраструктура се само дел од значајните прашања на кои коморите од регионот на Западен Балкан преку КИФ веќе работат со несмалено темпо.
ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија
ФОТО: Стопанска комора