Каква е тежината на Стопанската комора на Македонија во развојот на економијата покажува тежината на присутните на овој настан, изјави претседателот на Комората Бранко Азески, на денешното одбележување на 98 години постоење на оваа организација. Тој посака сите да бидат тука, здрави и расположени, за по две години да одбележат 100 години коморско работење во нашата земја.
Азески смета дека државата мора да изгради нова визија и да ги дефинира идните развојни приоритети кои ќе бида основа за поконкурентна економија и силни извозни капацитети, нови извозни компании и извозни производи кои ќе бидат конкурентни на светските пазари. Посебно место тука треба да има развивањето на соработката со регионот на Западен Балкан, каде што постои компатибилност на економиите и на производите.
Според премиерот Оливер Спасовски, македонската економија треба да стане креативна, современа дигитална економија, во што, според него, главно место имаат компаниите здружени во коморите, а нивните предлози треба да бидат основа на владините економски програми.
– Така беше и во 2017 година, при создавањето на економската програма која даде видливи резултати. Наследивме -1,8 отсто раст на БДП, но до денес го зголемивме на 3,5 отсто. Креиравме 60.000 нови работни места што е рекорд за толку кратко време. Ја намаливме и невработеноста на 17,1 отсто што е незапаметена бројка досега. За две години потпишавме договори за 34 домашни и странски инвестиции во износ од 740 милиони евра. Се изградија 12 нови фабрики, а се градат уште 22 други – рече Спасовски и додаде дека до 2024 година невработеноста ќе падне под 10 отсто.
Значењето на најстарата бизнис заедница во креирањето на политиките за економски развој го потенцира во своето обраќање и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
– Партнерството мора да продолжи. Повеќе од очигледно е дека компаниите се ослободени и се развиваат, а тоа може да се воочи преку растот на индустриското производство и растот на трговската размена кој лани достигна 10 отсто. Вредноста на извозот во 2019 година беше 6,4 милијарди евра за разлика од 2016 година, кога изнесуваше 4,3 милијарди, што е раст за 48 отсто. Сите овие позитивни бројки се резултат на посветената работа на Владата заедно со економските партнери, но не смееме да ги заборавиме и партнерите од Западен Балкан – рече Царовска.
Во рамки на одбележувањето на годишнината на Стопанската комора беа доделени признанија за занаетчии и компании кои дале придонес во работата на комората, се најактивни извозници, или придонеле најмногу за едукацијата на вработените.
„Микросам“ Прилеп, „Леарница“ од Охрид како и фирмата на поранешниот вицепремиер за еконосмки прашања Кочо Анѓушев „Брако“ добија признание за најиновативни извозници.
За придонес во работата на Комората признанија добија Телеком, ЕВН, „Гранит“, САСА, „Бетон“, „Витаминка“ и „Бучим“, а најголем придонес во едукацијата дале „Алкалоид“ и Стопанска банка од Скопје.
За прв пат комората додели и признанија на занаетчиски дуќани и тоа на опинчар од Охрид и на сервисер од Битола.
Во рамки на настанот се одржува и панел дискусија на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции“.
Главното мото на Стоманската комора годинава е „Со членството моќни, во визијата истрајни”.