Визуелно патување низ прекрасни фотографии кои ја отсликуваат убавината, културата и историјата на нашата земја. Вака директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски денеска ја најави новата алатка со која македонските туристички потенцијали ќе се презентираат преку социјалните мрежи и медиуми.
Станува збор за фото албум што ќе се креира во текот на целата година и во кој може да учествува секој. Фотографии од најразлични места, предели, традиционални настани и манифестации, луѓе, храна и историја ќе се поставуваат на веб страницата на Агенцијата под одреден, специфичен (карактеристичен) хаштаг активен на Инстаграм.
Идејата е, рече директорот, да се следи трендот и во привлекувањето на странските туристи да се опфатат сите генерации, од 18 години нагоре.
Главниот # (хаштаг) кој ќе биде водечки и препознатлив е #onlyiNMacedonia, додека дополнителните што ќе го следат се: #TraveliNMacedonia, #captureiNMacedonia, #natureiNMacedonia, #CaptureiNMacedonia, #discovernorthmacedonia. Хаштазите на Инстаграм и на останатите социјални медиуми ќе бидат активни од 19 февруари до 1 декември 2020.
На крајот од годината ќе се креира и ќе биде издадена фото-брошура која понатаму, туристичките работници ќе ја носат на странските саеми.
– Почнува новата ера и новиот пристап во промоцијата на македонскиот туризам. Ќе се фокусираме на неколку предизвици за да го зголемиме бројот на слободни патувачи. Новите форми на промоција значат и привлекување нови патувачи. Ги следиме трендовите и на новите генерации им овозможуваме поинакво запознавање со убавините на нашата земја – рече Јаневски на прес-конференција.
Целта на овој проект, за кој се издвоени 100.000 денари, е земјава да добие поголема видливост и да се привлече поголема публика која ќе помогне за дополнително категоризирање на туристичките содржини, продукти и дестинации.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со новиот модел на субвенционирање, Јаневски објасни дека предлага повисока поддршка за тур-операторите кои ќе донесат туристи во хотели со пет ѕвезди. Оттука надолу, според него, треба да оди градацијата.
Поддршка, смета, треба да има и приватното сместување, но многу помала и според инвестициите и категоризацијата.
-Треба да има субвенции кои ќе ги мотивираат тур-операторите и во и вон сезона. Се надеваме дека во 2020 година ќе создадеме нов, одржлив модел на субвенционирање што ќе се ревидира на секои три години согласно потребите и движењата во секторот. Се размислува во наредните три месеци да се создадае и модел за субвенционирање на руралното сместување, односно еко туризмот зашто тука треба да се гледаат потенцијалите, особено ако има мораториуми за градба во Охрид – истакна директорот.
Трендот на сé поголемите патувања на македонските туристи во зимските ценатри во регионот наместо во домашните, Јаневски ја објасни со слабата конкурентност.
-Нашите туристички центри треба да бидат конкурентни во регионот. Во овој момент не се и затоа нашите туристи одат во Банско, Боровец, Пампорово, Копаоник, Златибор. Само осум отсто од нашите туристички агенции и тур-оператори ја нудат нашата земја 12 месеци, а цело време можеме да бидеме атрактивна дестинација. Максимално сме сконцентирани на „аутгоинг“ за разлика од „инкаминг“, нагласи Јаневски.
Сепак, дополни, туризмот оди во нагорна линија и годишно индиректно инкасира околу милијарда долари девизен прилив. Зголемен е и просекот на задржување на туристите, од 2,66 дена во почетокот на 2018 година, на 2,9 дена. Броиме и 3,2 милиона ноќевања, како и нешто повеќе од 1,2 милиони туристи.
-Неопходни ни се стратегија, јавни-приватни партнерства, прилагодена законска регулатива и одржливост. Мора да создаваме атракции за да остануваат туристите ден повеќе – заклучи директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски.