Тачи: Време е Косово да се опреми со модерно оружје

170

Косовскиот претседател Хашим Тачи, по повод 12-годишнината од прогласувањето на независноста на државата, порача дека, една година откако Безбедносните сили на Косово (ФСК) со законските измени практично прераснаа во вооружени сили, време е за нивно опремување со модерно оружје, јави дописникот на МИА од Приштина.

При денешната смотра во касарната „Адем Јашари“ во главниот град на Косово, Тачи порача дека ФСК минува низ „етапа на консолидација и раст“, за што посебно признание им одаде на САД и на другите сојузници од меѓународната заедница.

– За да стасаме до овој ден, Косово да има своја војска, беа потребни многу труд, волја, внатрешно единство и партнерство со меѓународната заедница, пред се и над се со Соединетите Американски Држави, рече Тачи.

Тој нагласи дека косовската војска има етнички мешан состав, што е потврда дека се почитуваат уставните и законските стандарди на државата.

Изразувајќи уверување дека Косово во блиска иднина ќе стане дел од НАТО, Тачи порача дека неговата држава „ќе се грижи и за регионалната стабилност“.

– Косово ќе произведува мир, ќе биде фактор на стабилноста во регионот, соработник на НАТО и во блиска иднина ќе станеме дел од Алијансата, изјави Тачи.

Република Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година, а пред нешто повеќе од една година, со законски измени, практично ги трансформира дотогашните Безбедносни сили во војска на Косово.

Независноста на најмладата држава во Европа ја имаат признаено нешто повеќе од сто членки на Обединетите нации, а меѓу првите кои го сторија тоа, заедно со САД и 20 членки на Европската унија, беше и Северна Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...