Голем противник на Меркел е кандидат за нејзин наследник

402
Photo: EPA / RONALD WITTEK

Фридрих Мерц, ривал и заколнат непријател на германската канцеларка Ангела Меркел во нејзината конзервативна партија Христијанскодемократска унија (ЦДУ), планира да се кандидира за претседател на партијата, јавуваат светските агенции.

Главниот претставник на десното крило во ЦДУ, по повеќе години центристичка политика на канцеларката, станува можен кандидат за претседател на партијата, по најавата за оставка на актуелната претседателка Анегрет Крамп-Каренбауер која доаѓа во екот на политичка криза, коментираат медиумите.

Новиот претседател на ЦДУ во исто време ќе биде кандидат за функцијата канцелар пред парламентарните избори планирани најдоцна до крајот на 2021 година, и така ќе има можност да ја наследи Меркел на канцеларската функција што ја извршува повеќе од 15 години.

Меркел надмоќно го победи Мерц пред дваесет години, потсетуваат германските медиуми.

ЦДУ според анкетите сè уште е најпопуларна партија, иако е во опаѓање.

Фридрих Мерц, 64-годишен адвокат, е решен да се кандидира на партиските избори што би можеле да се одржат пред летото, тврдат весникот „Билд“ и новинската агенција ДПА.

Доколку во следните месеци биде избран за претседател на ЦДУ, Меркел со таков противник во партијата тешко ќе може да го заврши мандатот на канцеларка, кој и истекува во 2021 година.

Тоа може да доведе до предвремени избори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...