Македонија интензивно работи на добивање дозвола за извоз на свежо свинско месо во ЕУ.
Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов, за околу две години се очекува земјава да биде прогласена за слободна од свинска чума по што и ставена на листата за извоз.
– Почнаа активностите за проценка и зајакнување на биосигурноста на комерцијалните фарми за одгледување свињи. Првите резултати се солидни. Следува прекинување на вакцинацијата против класична свинска чума, а две години потоа и прогласување на Македонија како земја слободна од оваа болест со што практично ќе може нашето свежо свинско месо да се најде на пазарите низ светот, не само во ЕУ – вели директорот Атанасов за МИА.