Спасовски: Владата направи пресврт во поддршка на бизнисите, нова инвестиција од над 15 милиони евра

358

Новиот инвестициски циклус на ЛТХ Леарница е доказ за реалните ефекти во економијата кои владата ги испорача со своите политики за поддршката на бизнисите, оценија премиерот Оливер Спасовски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, кои во рамки на теренските активности како дел од агендата за денешната редовна седница на владата ја посетија ЛТХ Леарница, компанија со словенечки капитал која се занимава со леење и машинска обработка на алуминиумски компоненти наменети за автомобилската индустрија.

Осврнувајќи се на владините економски политики за поддршка на стопанството, премиерот Спасовски нагласи дека владата останува посветена во градењето на партнерски однос со бизнис заедницата во економскиот напредок на државата.

-Задоволство е што имаме компании кои се гордост на градот и државата, кои инвестираат и работат благодарение и на добрите бизнис политики кои ги има владата. Денеска за тоа разговаравме, колку е важно партнерството помеѓу бизнис заедницата и владата, помеѓу работодавачите и работниците, тоа партнерство дава резултати. Успешно е тоа што нудиме финансиска поддршка во делот на производството, таа можност ја користи и ЛТХ Леарница. Не информираа за нивните развојни планови во делот на градба на нови капацитети и набавка на нови машини, со цел да се зголеми производството и да се зголеми бројот на вработени. Според овој план ќе имаме дополнителни нови 58 вработувања, што ќе ја надмине моменталната бројката од 500 вработени, тоа е значајно не само за Охрид туку и за државата. Ова нека биде поттик и за сите стопански субјекти да ги искористат добрите бизнис политики од страна на Владата и заеднички низ еден партнерски однос да си помогнеме и во делот на развојот на бизнисот и во економскиот напредок на Република Северна Македонија – рече премиерот Спасовски.

Министерката Апостолска нагласи дека ЛТХ Леарница е во континуиран процес на инвестиции и проширување на производството, што зборува за реалните ефекти од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

– Финансиската поддршка која владата изминатите две години ја доделува на компаниите беше препознаена од страна на ЛТХ Леарница. Она што е значајно е дека финансиската поддршка беше насочена кон технолошкиот развој, во продуктивни инвестиции, со што се потврдија успешните економски политики на владата, која што дава голем акцент и значење токму на бизнис секторот. Во рамки на леарницата ЛТХ позитивен пример е и тоа што тие во секојдневното производство големо внимание даваат и на едукацијата, справувајќи се со предизвикот на недостиг на работна сила во фаза се на воспоставување и на едукативен центар“, изјави министерката Апостолска, притоа надополнувајќи дека проблемот со работната сила може само заеднички да се надмине со соработка помеѓу Владата и компаниите во напорите за создавање на поволна економска клима, зголемување на животниот стандард и економскиот раст.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...