Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) е разочарaн од институциите на системот, коишто на директен или индиректен начин влијаат врз неисполнување на договорот помеѓу МОН и СОНК за зголемување на платите во високообразовните институции, за 10% започнувајќи од јануарската плата 2020 година.
– Непобитен е фактот дека министерството за образование и наука требаше да го реализира договореното зголемување на платите за 10% од јануари 2020 година. Доколку ова договорено зголемување не можело да се реализира заради законски или други пречки, МОН требаше најпрво да разговара и изнајде решение заедно со СОНК, како договарач со МОН, но, пред се и заради докажаната репрезентативност на национално ниво, во дејноста образование – велат од СОНК.
Наместо тоа, додаваат од СОНК, Министерството и ректорите на државните универзитети иницираа формирање на нов универзитетски синдикат за да обезбедат репрезентативност.
– Ваквите дејствија, според нас се спротивни и на нашите закони, но и на меѓународните конвенции, каде што многу децидно се укажува дека работодавачите не смеат да влијаат во организирањето и дејствувањето на синдикалните организации. Дејание без преседан, со елементи на кривична одговорност – велат од СОНК
Од СОНК решението го гледаат во спојување на репрезентартивноста на СОНК и Независниот академски синдикат (НАкС) и на тој начин да се потпише колективен договор на ниво на работодавач.
– Но наместо тоа, денес сме соочени со неизвесноста на носење на измени на Законот за плати, со оглед на скорашното распуштање на Парламентот, а со тоа и неможноста за зголемување на платите во високото образование. Не смееме да го заборавиме и фактот што СОНК и МОН во изминатиот период имаа одличен партнерски однос, но со нереализирање на веќе договореното, се нарушува воспоставената рамнотежа помеѓу двата социјални партнери – велат од СОНК.
Навистина не би сакале да помислиме дека ова е некое смислено сценарио, со што ќе се купи одредено време, а со тоа и „мир“ во пресрет на распуштање на Парламентот заради изборите, ќе се заштедат средства за најмалку половина година, се до конституирање на нов Парламент и Влада.
– Едно е јасно. Вработените во високообразовните институции се крајно разочарани од ваквиот однос на институциите. Овие вработени најмалку го заслужуваат тоа, вработените имаат убедливо најниски плати во регионот, а да не зборуваме за Европа. Но, исто така, јасно е дека, ваквата постапка кон нив нема да биде заборавена и тие на свој сопствен начин ќе се оддолжат на оние кои, според нив, го направија ова – велат од СОНК.