Пчеларски симпозиум во Скопје – најава за нов проект во македонското пчеларство

494

Пчеларската федерација на Македонија (ПФМ), Здружението за социјално претприемништво и одржлив развој АПИСЕЕД – Скопје и Здружението за одржлив социо-економски развој „Изгрејсонце“ денеска организираат Пчеларски симпозиум на тема „Употребата на пчеларството и агрошумарството како ресурси за одржлив развој“.

Пчеларскиот симпозиум, како што информираат организаторите, е основа за почеток на обемен проект во кој покрај пчеларите, пчелите и нивните продукти, ќе бидат земени предвид и социо-економските структури, природата, екосистемот, како и добивањето квалитетни финални производи за крајните потрошувачи.

На симпозиумот ќе учествуваат меѓународни експерти од областа на пчеларството, здравјето на пчелите и медицината базирана на пчели (апикултура).

Ќе бидат одржани две предавања, првото на тема „Процесот на стандардизација и комерцијализација на пчелните производи” од Роч Домерего, редовен професор на Факултетот за медицина „Каликсто Гарсија“ во Хавана, Куба, и второто „Пчеларството и агрошумарството како потпора на локалниот економски развој” од Тибо Лемуан, проектен менаџер.

На Пчеларскиот симпозиум се поканети сите пчелари од земјава и организации заинтересирани за областа. Генерални покровители се Француската амбасада во Скопје и Министерството за земјоделство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...