Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) предупредува дека со предлог измените на Закон за игрите на среќа и забавните игри кои се на дневен ред на 131-та собраниска седница, 7.700 луѓе преку ноќ остануваат без работа.
Од таму апелираат до пратениците уште еднаш да го преиспитаат ставот за усвојување на измените на Законот за игрите на среќа.
– Дали се подготвени да избришат една цела стопанска гранка која дава значаен придонес во државниот буџет и директно вработува 7.700 луѓе кои индиректно подржуваат 54.000 работни места во други стопански гранки? Дали се подготвени да ризикуваат да избришат една целосно регулирана индустрија и да создадат услови за нелегално обложување и сива економија – прашува Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
Како што се наведува во соопштението од АСОМ, измените на Законот се носат без соодветни претходни анализи на состојбата, социјални и финансиски импликации кои тие би ги предизвикале. За своето работење, се посочува, спортските обложувалници плаќааат лиценци кон државата кои им гарантираат услови за работа во периодот за којшто е издадена таа лиценца. На основ на издадената лиценца, појаснуваат од АСОМ, приредувачите на игри на среќа во обложувалница ги прават своите проекции за инвестирање, нови вработувања и развој.
„Условите кои ги наметнува новиот закон значат прекин на правата кои ги регулира лиценцата. Како државата ќе ги обештети и надомести средствата дадени за лиценца и инвестиции по секое уплатно место? Освен за обложувалниците, ова ќе значи и огромна загуба за државата која притоа ќе ги загуби и 253 милиони евра, кои по основ на давачки и даноци секоја година се слеваат во државната каса“, се подвлекува во соопштението.
Со Министерството за финансии, АСОМ во изминатиот период има остварено средби и доставено соодветни барања и мислења за начинот на регулирање на индустријата, со кои нема да се предзвика штета ниту на субјектите коишто се лиценцирани ниту на буџетот, а притоа ќе се зајакнат стандардите и начинот на работа на друштвата кои се лиценцирани. Во АСОМ сметаат дека во овој момент, Министерството за финансии треба да излезе со свој став и мислење по предлог законот.
Инаку, АСОМ е организација која се залага за поволна бизнис клима за индустријата, безбедно опкружување за своите вработени и играчи, одговорен пристап кон игрите на среќа во обложувалница, како и социјална и економска вредност во заедницата. Во АСОМ членуваат петте најголеми псортски обложувалници: Моцарт, Спор Лајф, Златна Копачка, Евротип и Марбет.