После една година во која беа извршени повеќе ракетни тестирања, вербалната војна со американскиот претседател Доналд Трамп и нуклеарна проба во септември, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун направи неверојатни промени во тактиката во јануари, велејќи дека е подготвен да одржи разговори со Јужна Кореја.
Ова се клучните настани кои доведоа до пресврт во однесувањето на севернокорејскиот лидер, по кои утре тој ќе се сретне со неговиот јужнокорејски колега Мун Џае-ин и скорешна, потенцијална средба со Трамп.
1 јануари – Лидерот на Северна Кореја изрази подготвеност да оствари разговори со Сеул и да испрати делегација на Олимписките игри.
9 јануари – По еднодневни разговори, Северна и Јужна Кореја објавија неколку клучни договори, меѓу кои и учеството на Северна Кореја на ЗОИ во Јужна Кореја, олеснување на воените тензии и продолжување на дијалогот.
20 јануари – Северна Кореја соопшти дека ќе испрати 22 спортисти на ЗОИ и дека двата национални тима ќе маршираат заедно за време на церемонијата на отворање на Игрите.
9 февруари – Ким Јо Џонг, сестрата на Ким Џонг-ун пристигна во Пјонгчанг со 22-члена делегација. Ким, единствениот член од нејзиното семејство кој се сретнал со јужнокорејски функционер по Корејската војна, официјално, во името на нејзиниот брат, го покани Мун Џае-ин да го посети Пјонгјанг.
25 февруари – Мун се сретна со високорангиран севернокорејски генерал непосредно пред церемонијата на затворање на ЗОИ, кој го навести интересот на Пјонгјанг за разговори со САД и изјави дека таквите разговори треба да се случат „што поскоро”.
4 март – Мун соопшти дека неговиот главен советник за безбедност и директорот на разузнавачката агенција ќе бидат специјални пратеници за време на разговорите во Пјонгјанг за денуклеаризација и билатералните односи.
5 март – Ким Џонг-ун беше домаќин на петмина специјални пратеници од Сеул, остварувајќи прва средба со високорангирани јужнокорејски функционери од 2011 година. Тие ги соопштија плановите за одржување Самит кон крајот на април.
9 март – Американскиот претседател Доналд Трамп изрази подготвеност лично да се сретне со Ким Џонг-ун кон крајот на мај или почетокот на јуни.
28 март – По два дена шпекулации, Кина потврди дека Ким во тајност го посетил Пекинг, патувајќи со воз од Пјонгјанг. Тој имал разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг и ја повторил „посветеноста за денуклеаризација“.
18 април – Трамп соопшти дека директорот на ЦИА Мајк Помпео имал тајна средба со Ким за време на католичките, велигденски празници и оти се минало без проблеми. Средбата се одржала како подготовка за евентуална средба меѓу Ким и Трамп.
20 април – Отворена е директна „жешка“ телефонска линија меѓу Сеул и Пјонгјанг, со цел да се спречат евентуални недоразбирања меѓу Ким и Мун.
21 април – Ким изјави дека Северна Кореја ќе ги суспендира тестирањата на балистичките ракети и нуклеарните проби, а исто така ќе го затвори и полигонот за нуклеарни проби. Јужна Кореја го поздрави потегот, нарекувајќи го „значаен напредок” пред Самитот.
23 април – Јужна Кореа привремено го запре емитувањето пропаганда на меѓукорејската граница, во насока на „намалување на воените тензии” и создавање „расположение за мирни разговори”.