Македонски железници Транспорт откако вчера го прогласи за незаконски штрајкот на машиновозачите и ги објави нивните платите, денеска ги објави линиите на кои не сообраќале возовите и имињата на машиновозачите коишто требале да возат на нив. Од МЖ Транспорт попладнево информираа и за закани по живот за еден од машиновозачите кој сакал да работи.
„Незаконитиот прекин на работа, односно штрајк, не е организиран согласно ЗРО и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и истиот не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите кои имаат месечни парични примања во износ за октомври 2019 година во износ 44.955 денари, за ноември 2019 година во износ 44.070 денари и за декември 2019 година во износ 47.665 денари“, стои во соопштението.
Во соопштението се додава и дека платите на машиновозачите редовно се зголемувале под притисок и закани со штрајк.
Од МЖ Транспорт соопштија и дека вчера еден од машиновозачите којшто се обидел да ги заврши работните обврски добил закани по живот од непознато лице на телефон.
– Вработениот, кој не го почитувал незаконскиот штрајк од страна на Машиновозачите предводени од Претседателот на Синдикалната организација НСМПМ – Машиновозачот Душко Чакаровски и започнал со работа во 19 часот, веднаш потоа преку телефонско јавување од непознат број, со погрдни зборови му е претено и заканувано со зборовите „тргнеш ли, ќе ти ги скинеме нозете“, додека настрана од него во темнината стоеле луѓе кои му дофрлале погрдни зборови, со што бил видно исплашен за своето здравје и живот, не можел да го издржи притисокот и не бил во состојба да ги изврши своите работни задачи – велат од МЖ Транспорт.
Оттаму додаваат дека случајот ќе биде пријавен во полиција.
Машиновозачите втор ден штрајкуваат со барање да се зголеми за 10 отсто односно од 30 на 40 отсто надоместот на плата за квалитет кој треба да го добиваат врз основа на Колективниот договор за дополнителна работа и работење со намален број на извршен персонал.
Надомест од 40 отсто им бил исплаќан до пред антикризните мерки во 2008 година.