СОНК: Веднаш преговори за јавниот сектор, државата за некого „мајка“, за некого „маќеа“

Доколку општите придобивки, како што се регрес за годишен одмор, популарниот К-15, слободни платени денови, дневници за службени патувања итн. се уредуваат со грански Колективен договор, а особено ако тој грански синдикат претставува многу мал процент од вработените во јавниот сектор, во тој случај се прави огромна дискриминација од причина што буџетските средства по исти основ не се трошат подеднакво за сите буџетари, реагираат од СОНК.

471

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара од Министерството за труд и социјална политика (МТПСП) веднаш да се отпочнат преговорите за потпишување на Општиот Колективен договор за јавниот сектор.

СОНК во писмото упатено до министерката Рашела Мизрахи наведува дека е неприфатливо МТСП континуирано да го избегнува ова прашање последниве неколку години.

СОНК смета дека заедничките прашања во јавниот сектор треба да се уредат или доуредат со Општиот Колективен договор и да бидат опфатени сите вработени во јавниот сектор. Во спротивно, доколку општите придобивки, како што се регрес за годишен одмор, популарниот К-15, слободни платени денови, дневници за службени патувања итн. се уредуваат со грански Колективен договор, а особено ако тој грански синдикат претставува многу мал процент од вработените во јавниот сектор, во тој случај се прави огромна дискриминација од причина што буџетските средства по исти основ не се трошат подеднакво за сите буџетари. Во овој случај државата како најголем работодавач, за некого ќе биде „мајка“, а за некого „маќеа“, наведуваат од СОНК.

Во јавното писмо до Мизрахи, велат дека иако се свесни дека таа е најамалку виновна, сепак, очекуваат од неа како раководител со МТСП, во рамките на надлежностите како министер и како член на Владата, да преземете чекори за надминување на ваквите состојби во јавниот сектор.

– Вработените во образованието, науката и културата не сакаат и нема да дозволат да се чувствуваат дискриминирано. Сигурни сме дека и вработените во здравството, одбраната, полицијата и останатите служби во државата и јавни установи ќе имаат активно учество и поддршка на ова наше заедничко право, право за колективно преговарање, право за враќање на изгубените работнички права. Во спротивно, ќе бидеме приморани да ги употребиме сите расположливи синдикални средства, не исклучувајќи ги и најрадикалните, се посочува во писмото од СОНК потпишано од претседателот Јаким Неделков.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...