Данскиот документарен филм „Бубачки“ снимен по сценарио и режија на данскиот документарист Андреас Јонсен вечер во 20:30 часот ќе биде прикажан во Мултимедијалниот простор „Котур“ во Скопје, информираат од Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.
Сценариото на филмот има интересна и мошне актуелна тема. Иако научниците и земјоделскиот сектор сè почесто тврдат дека јадливите инсекти се иднината на одржливата храна, јадењето бубачки не е многу популарно меѓу обичните сладокусци. Бен и Џош, двајца врвни мајстори од експерименталната лабораторија за нордиска храна на Рене Реџепи во Данска, три години патуваат низ светот за да слушнат што мислат оние две милијарди луѓе кои веќе одамна јадат инсекти. Камерата на Јонсен ги следи во чекор додека бараат, одгледуваат, готват и вкусуваат инсекти со локалците од шест континенти, за да открие дали инсектите навистина би можеле да ја спасат планетата.
Влезниците за проекцијата на филмот чинат 50 денари.