Различни се прогнозите на македонското стопанство во однос на Брегзит. Според помалите фирми, излегувањето на Велика Британија од ЕУ, што и официјално се случи на 31 јануари годинава, може негативно да се одрази врз бизнисот и врз странските директни инвестиции. Големите компании се воздржани. Рано е, велат, за какви било оценки со оглед на претстојниот „транзициски“ период од 11 месеци во кој Британија и натаму останува дел од заедничкиот европски пазар и од Царинската унија.
– Во услови кога е во фаза дефинирање трговски договор на државно ниво, бизнисот сѐ уште нема промени. Имајќи предвид дека преостанува период од 11 месеци, за очекување е дека бизнисот навреме ќе биде вклучен во активности што треба да произлезат за дефинирање на условите на водење бизнис – кусо коментираат од Стопанската комора на Македонија.
Поконкретен е ставот на Сојузот на стопанските комори (ССК). За мала економија како нашата, нагласува Сојузот, најзначаен е трговскиот канал, размената на стоки со британските компании. Оттука, ССК очекува да продолжат да важат актуелните билатерални и мултилатерални договори меѓу нашата држава и ЕУ, како и да се применуваат и во билатералните односи со Обединетото Кралство за време на преодниот период, кој е предвиден да трае до 31 декември 2020 година и во кој треба да се дефинираат нови царини и други правила на игра.
– Брегзитот се прогнозира дека може да донесе некој вид рецесија во британската економија и да има неповолни ефекти врз динамиката и обемот на економската активност. Ефектите врз нашата земја ќе зависат најмногу од ефектите врз ЕУ, како наш најзначаен трговски партнер. Негативен ефект може да почувствуваме преку нашите трговски партнери од ЕУ. Ако нивната економија затаи, тогаш може побарувачката од тие држави да биде помала. Исто така, доколку се наруши финансиската состојба меѓу финансиските посредници во ЕУ поради излегувањето на Британија, може да има негативни ефекти врз странските директни инвестиции, истакнуваат од ССК.
Ефект, но помал, додаваат, може да се почувствува и од евентуалната промена на курсот на фунтата.
Според Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), од самиот почеток на преговорите што се одржаа во рамките на Брегзит се почувствува првиот контраефект, а тоа е падот на британската фунта.
– Освен последиците што ги и ќе ги доживува британската економија, европските земји исто така ќе страдаат, бидејќи британската економија е една од најголемите во светот и доколку не се постигне договор меѓу ЕУ и Обединетото Кралство, тоа ќе значи дека извозот и увозот ќе бидаат подложени на плаќање царина. Истото може да важи и за нашата држава, бидејќи Брегзитот без договор со ЕУ ќе ја направи земјава трета земја спроти Велика Британија. Велика Британија е 11-та земја со која имаме најмногу трговска размена во рамките на извоз и 19-та кога се зборува за увоз. Сметаме дека треба да се регулираат односите со неа во форма на билатерален договор за слободна трговија доколку првичниот договор со ЕУ не се финализира – посочуваат од СКСЗМ.
Од оваа комора се надеваат дека воведувањето на царините ќе биде во рамките на Светската трговска организација за да не се оптоварат нашите производи што се извезуваат на британскиот пазар.
– За нашите бизниси, најголем предизвик е евентуалниот пад на вредноста на фунтата и тоа е од што нашите компании што извезуваат во Велика Британија треба да бидат претпазливи – потенцираат од СКСЗМ.
Од Комората за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) се децидни дека засега нема какви било пречки во работата на некои од нивните членки.
Велика Британија официјално излезе од ЕУ на 31 јануари годинава, наредните 11 месеци, до 31 декември, генерално ќе се придржува до европските правила. Вистинските големи промени треба да почнат по завршувањето на овој „транзициски“ период. Засега Британија останува дел од заедничкиот европски пазар и од Царинската унија, но нема да има право на глас во Европскиот парламент, ниту нејзините министри ќе учествуваат на важни состаноци. До крајот на годината, земјата ќе уплатува средства во буџетот на ЕУ и оттаму ќе добива пари за проекти. Британските државјани веќе не се државјани на ЕУ, но и натаму ќе можат слободно да патуваат и да работат во земјите од Унијата.