МЗШВ: Нема увоз на сортите тутун „Прилеп“ и „Јака“

98

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) остро ја демантира денешната изјава на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, за наводниот увоз на тутун и порачува дека нема увоз на сортите тутун „Прилеп“ и „Јака“.

„Лага и невистина е денешната изјава на Трипуновски дека „…во периодот од 8 јануари до денеска е увезено еден милион килограми тутун….се увезува е од ист тип на тутун кој што се произведува во Македонија, а се плаќа поскапо од домашниот“. Официјалните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) покажуваат дека не постои увоз на тутун кој се откупува од нашите откупни претпријатија и нема увоз на сортите на тутун „Прилеп“ и „Јака“. Со овие лажни информации, Трипуновски свесно нанесува штета не само на тутунопроизводството, туку и на компаниите кои вршат откуп на тутун, кои лажно ги оцрнува и го доведува во прашање егзистирањето и на компаниите и на вработените во тие компании“, велат од МЗШВ.

Од 2019 година, па до вчера, прецизираат, според податоци од „EXIM“ системот на ДИЗ, од страна на мултинационалната компанија „Алијанс Уан Македонија“ со седиште во Кавадарци, од Бугарија е увезен суров необработен тутун од тип „Катерини“ во износ 469.033 килограми и суров необработен тутун од тип „Крумвоград“ во износ од 501.506 килограми.

„Овие количина тутун, се преработени во капацитетите на оваа компанија во Кавадарци и се извезени на интернационални светски компании кои што произведуваат цигари. Со ова се ангажирани капацитетите на оваа компанија кај нас и со додадена вредност се извезени. Значи, не станува збор за никаков увоз, туку за увоз за доработка и повторен извоз, со што е остварена разлика на девизен прилив во Република Северна Македонија“, истакнуваат од МЗШВ.

Податоците од оваа државна институција, додаваат, се релевантни и официјални, а податоците на Трипуновски се лажни и паушални.

„Трипуновски како порашенешен директор на Државниот инспекторат за земјоделство, треба да знае дека законски на откупните претпријатија им е дозволен узвоз на необработен тутун за доработка, заради одржување на производствените капацитети и за одржливо производството на тутунските производи. Откупните претпријатија што вршат откуп на тутун во Република Северна Македонија, се светски познати и реномирани фирми кои вршат извоз и кои имаат законско право да увезат необработен тутун за да ги исполнат капацитетите за доработка. Овој тутун од увоз во ниту еден случај не може да го наруши откупот на домашниот тутун, бидјеќи откупните претпријатија законски се обврзани да ги откупат договорените количини со кооперантите и ги исполнуваат договорите“, истакнуваат од МЗШВ.

Со денешната изјава и лажни обвинувања, посочуваат, Трипуновски не само што шири дезинформации, туку уште еднаш ги покажа своите елементарни непознавања за земјоделството, особено за стратешките земјоделски гранки, и повторно на грбот на земјоделците се обидува да придобива политички поени.

„МЗШВ е во постојана комуникација со откупните претпријатија и со тутунопроизводителите, а на терен веќе има засилени контроли од страна на ДИЗ. Досега 93,4 отсто од произведениот тутун е откупен, за десеттина дена се очекува да се откупат и преостанатите околу седум отсто тутун, кои во целост ќе бидат откупени. МЗШВ апелира до тутунарите да не потпаѓаат под манипулации бидејќи секој килограм произведен тутун од реколтата 2019-та ќе биде во целост откупен“, порачуваат од МЗШВ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...