Претставници на Светската здравствена организација (СЗО) појавата на коронавирусот не ја сметаат за пандемија и се надеваат дека пренесувањето на вирусот би можело да биде спречено.
СЗО призна дека предизвик е да се стави под контрола вирусот поради глобалното масовно движење, но верува дека мерките ќе го спречат пренесувањето.
– Веруваме дека тоа може да се постигне со сегашните заштитни мерки, изјави денеска директорката на Одделот за пандемиски и епидемиски болести при СЗО – Силви Брајанд.
Таа нагласи дека „не сме во пандемија“, објаснувајќи дека моментно вирусот е епидемија која се појавува на повеќе локации.
Брајанд потенцира дека за да се намали ширењето на коронавирусот, не се доволни само маски и ги повика луѓето редовно да мијат раце.
Според Државната здравствена комисија во кинеската провинција Хубеи, која е епицентар на епидемијата, жртвите на коронавирусот во 80 отсто случаи се на над 60-годишна возраст.
Стапката на смртност во Кина изнесува 2,1 отсто, а во провинцијата Хубеи е 3,1 процент.
Од 425 потврдени смртни случаи низ Кина, 80 отсто од жртвите биле над 60-годишна возраст, а 75 проценти од нив претходно имале некаков облик на друга болест. Речиси две третини од потврдените смртни случаи биле мажи.
Здравствената комисија наведува дека просечно време за пациентот целосно да заздрави е девет дена.
Засега има регистрирано 20.438 случаи заразени од коронавирус во Кина.