На сцената на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утре во 20 часот ќе се изведе премиерата на претставата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.
Оваа претстава претставува второ поставување на култниот роман „Пиреј“ од Петре М. Андреевски на театарска сцена. Првата реприза е закажана за сабота во 20 часот.
Претставата преку паралелни сцени кои ги отсликуваат животните приказни на сопружниците Јон и Велика, еден на фронт, а друг во селото, дава две перспективи на човековата деструкција поради општествени, социјални и политички причини. Ликот на Велика е симбол за секоја македонска жена од тоа време која постојано добива безмилосни судбински удари, војната и зема сѐ, а таа пак продолжува да се бори. Од друга страна, како сведок и учесник во најгрдите настани на фронтот, Јон станува ѕвер. Кога Јон е доведен во ситуација да го зароби сопствениот брат, дадена е јасна слика на принудното братоубиство на овие простори и апсурдот на човечката судбина. Приказна која има документаристичка основа раскажана на народен јазик, во која се проткајуваат детали за животните навики, но во исто време е силна слика за поединецот и неговото уништување во време на војна.
Музиката е на Димитар Андоновски, костимите ги изработи Андреј Ѓоргиевски, додека, пак, сценографијата е дело на Валентин Светозарев. Драматизацијата ја изработи Љупчо Ѓеоргиевски во соработка со драматургот Ивана Нелковска. Во претставата играат Марија Спиркоска Илиjеска, Александар Степанулески , Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Димитар Ѓорѓиевски, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Најдо Тодески, Трајче Иваноски, Александар Тодески, Андон Јованоски ,Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Димитар Вандески, Виктор Мирчески, Давид Папазоски, Даниел Трајкоски, Фросина Богеска, Андреј Димитриовски, Илина Стефаноска, Александар Ристески, Надица Ѓорѓијоска, Илин Ристески и Георгина Апостолоска.
Претставата „Пиреј“ е од годишната програма за работа на НУЦК„Марко Цепенков“ – НТ „Војдан Чернодрински“, поддржана од Министерството за култура.