Сугарески: Машиновозачите да продолжат со работа, отворен сум за разговор

Машиновозачите бараат зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет,

115

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески апелира машиновозачите да продолжат со работа и истакнува дека е подготвен повторно да преговара со нив, но, како што вели, не по цена на уцени и нарушување и штета на работењето.

– Сакам да испратам сериозен апел. Треба да продолжат со работа, сите треба да се покажеме државно општествено одговорни затоа што секој застој таму на сите бројни проблеми што ги има 30 години во делот на долговите коишто ги имаат, да не се прават нови, бидејќи тоа е интерес и за државата и за нив – изјави Сугарески, коментирајќи го бојкотот на работата што од изутрина го почнаа машиновозачите, барајќи зголемување на надоместот на плата за квалитет поради зголемен обем на работа и недоволен број на персонал.

Како што дополни, директорот на Железницата го информирал дека утринските возови се тргнати, а очекува, како што вели, тоа да се случи и во текот на денот.

– Подготвен сум повторно да разговараме. И во мојот разговор вчера со нив укажав дека во делот на измени на систематизации секогаш и јас како ресорен министер и управниот одбор сме подготвени да преговараме, не по цена да има уцена и не по цена да се наруши и да се прави штета на работењето. Тоа е многу јасен одговор и затоа не гледам причина за каков било бојкот или штрајкови кои евентуално би се појавиле таму – рече Сугарески.

Во Железницата, истакна тој, платите се исплаќаат навреме. Платата за декември е исплатена во целост, очекува тоа да се случи и со јануарската, а потсети дека имало зголемување за пет проценти при неодамнешното покачување во администрацијата.

Душко Чакаровски, претставник на вработените, за МИА изјави дека по вчерашната средба досега не биле повикани на разговор, но оти се отворени за такво нешто. Факт е, вели тој, дека има долгови во претпријатието, но потенцира оти за тоа не се виновни вработените, туку начинот на менаџирање од страна на сите влади досега.

Како што информира Чакаровски, барањето за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, им е врз основа на Колективниот договор за дополнителна работа и работење со намален број на извршен персонал. Надомест од 40 проценти им бил исплаќан до пред антикризните мерки во 2008 година.

Зад организацијата на бојкотот на работата, тврди Чакаровски, не стои ниту една синдикална организација, односно во него се вклучиле 99 проценти од машинскиот персонал од различни синдикати, но и работници кои не членуваат во синдикатите.

Поради бојкотот на машиновозачите, што стратуваше изутрината во седум часот, во целосен прекин е товарниот сообраќај, а досега не е тргнат ни патничкиот воз за Велес. На возниот ред за денеска се предвидени патнички возови за Велес, Битола, Кочани, Гевгелија, Кичево, Табановце и Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...