За компаниите стечајот е клиничка смрт и ретко која компанија успеала успешно да помине низ стечајната постапка и да излезе од неа, трансформирајќи се повторно во производен капацитет. Една од ретките компании што успеа да излезе од овој процес полека е „Фени Индустри“.
Денес „Фени“ произведува и според многумина на компанијата ѝ претстои извесна иднина, меѓутоа потрагата по одговори зошто 6 месеци беа поминати во несигурност, протести, 850 работници оставени на работ на егзистенција, исчекувања, многу неправедни обвинувања и свесно опструирање на процесот за наоѓање решение – мора да се дадат. Мора да се објасни зошто „Фени“ од гигант на светски пазар којшто заработува и до 100 милиони евра годишно, со 20.000 тони годишно производство беше доведен до стечај и до раб на комплетен колапс. Фабриката беше позната по тоа што беше најголем извозник во Македонија, секогаш на врвот на најуспешните компании, прва компанија со еколошка дозвола, компанија со признание од УЈП како даночен обврзник, признанија од Царинската управа, како и многубројни награди за општествена одговорност и сертификати за стандардизација.
Според многумина познавачи, вклучително и вработените, кои многу често се најрелевантен извор на внатрекомпаниските превирања затоа што тие први на свој грб ги чувствуваат промените, проблемите започнале уште во 2015 година. Дотогаш сопствеништвото на комбинатот било 50:50 поделено меѓу израелската БСГ Рисорсис и казахстанската ИМР или Интернешенал минерал рисорсис, која е дел од Кунико Рисорсис. Несогласувањата околу сопственоста кулминирала со судски спор и како резултат на тоа доминантни сопственици стана казахстанската ИМР. Како доминантни сопственици, условот на судскиот епилог било да отворат сметка со 68 милиони долари како база за „Фени“ да повлекува средства за тековното работење и за покривање на долговите. Но, тоа никогаш не се случило и раководството за покривање на долговите, сепак, ги исцрпувало средствата од залихите и од производите. Тогаш за генерален директор е поставен Јусуф Миракхмедов, кој дотогаш бил менаџер на магацин во „Фени“ и нема претходно раководно искуство на извршно ниво, но сепак е во роднински релации со Абдулмалик Миракхмедов, кој високо котира во редовите на ИМР на меѓународно ниво, а тесно поврзан со офшор-компании на Маршалските Острови, Панама, Девствените Острови и уште многу други. Вработените велат дека несериозниот пристап кон „Фени“ го препознале уште со самото негово поставување на чело на компанијата.
Никој не ги известил кредиторите дека тие наводни 68 милиони евра имале рок на гаранција од две години. За овој рок не знаеле ни банките кредитори на „Фени“, па така кога кон средината на 2017 година побаруваат да ги наплатат натрупаните и задоцнети долгови, откриваат дека средствата се повлечени од сметката по истекот на рокот кој бил до крајот на 2016 година.
Хронологијата на систематското уништување на „Фени“ од страна на Кунико оди дотаму што Кунико направиле уште еден залог на акции на „Фени“ за износ од 35 милиони долари во интерес на меѓународниот трговец со берзански стоки Трафигура. Тие ја подигнале сумата, а притоа овој залог воопшто не го пријавиле во Македонија, во обид да ја скријат пред банките вистинската состојба во која се наоѓа „Фени Индустри“, што е причина за кривична одговорност. Понатаму, Кунико со цел да оневозможи банките и другите добавувачи и кредитори да ги остварат своите доверителски права, ги продал рудниците во Гватемала, кои беа единствен извор за руда на „Фени“ и косовската фабрика, на компанијата ТЕЛФ, која е исто така во сопственост на истите газди од Казахстан.
Во тој период основана е фирмата Нова Логистик со цел да заштеди на транспортни трошоци кон фирми посредници. Оваа фирма станува сопственост на Надица Атанасова-Кабранова, тогашната менаџерка и блиска соработничка на Миракхмедов. На сето ова синдикалната организација во „Фени“ иако запознаена не реагира. Следи префрлање на дробилката во сопственост на Нова Логистик и изнесување од кругот на „Фени“. Исто така, фирмата прави милионски долгови кон транспортерите, кои во договор со синдикалниот лидер Палитов организираат блокади и спречуваа рестартирање на „Фени“. Наводната сопственичка не ги исплаќала долговите кон транспортерите, а од вработени постојат тврдења дека големи суми пари си префрлала на своја сметка или на блиски на себе. Овие сознанија придонесоа Нова Логистик да биде предмет на кривична истрага од страна на УЈП и од Финансиската полиција. Сега веќе компанијата е во стечај.
Кога веќе намерите на Кунико биле јасни, со цел да се извлечат од ситуацијата без никаква одговорност, тие го преземаат последниот чекор во уништувањето на „Фени“, прават обид за продажба на фабриката на бугарскиот Енекод. Финансискиот извештај на оваа компанија покажува дека нема можности да преземе компанија со долг од над 60 милиони евра. Тоа отвора можност за кредиторите да ги активираат хипотеките, а банките откриваат дека залогот во никел и руда – воопшто не постои.
Компанијата направила отпис на долг на мајката фирма Кунико од 50 милиони долари и притоа не поднела завршна сметка две години. Криминалот се толерирал и им било дозволено кршење на законите.
По излегувањето на површина на сите нерегуларности, се покренаа кривични пријави за раководството, по што Јусуф Миракхмедов избега од државата, а компанијата отиде во стечај. 800 вработени останаа без никаква гаранција, а компанијата беше со долг од околу 70 милиони евра.