Еден француски војник денеска со нож нападнал и повредил жандарм во касарната во Диез, по што бил совладан и приведен, јавија француските медиуми, додека обвинителството во Мец соопшти дека не е исклучено да станува збор за терористички атак.
Телевизијата Бе-Еф-Ем јави дека 19-годишен војник со нож нападнал полицеац, а жандармот во самоодбрана со огнено оружје го погодил напаѓачот во стомак, по што тој бил префрлен во болница.
Телевизијата наведува дека напаѓачот од претходно им бил познат на безбедносните органи и дека истрагата за инцидентот ја води Обвинителството за борба против тероризмот.
Државниот обвинител во Мец на новинарите им изјави дека непосредно пред инциднетот до жандармеријата бил упатен телефонски повик во кој непознато лице кажало дека зборува во име на Исламска држава и дека е војник и дека во Диез ќе дојде до масакр.
Француските медиуми претходно јавија дека инцидентот се случил во полициска станица во Диез.