Се менува односот на силите помеѓу партиите во Европарламентот

524

Со заминувањето на британските европратеници, односот на сили помеѓу политичките партии во Европскиот Парламент се менува. Екстремната десница сега ги надминува Зелените, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европскиот Парламент од 31 јануари, денот на Брегзит, има 705 пратеници наместо 751, а новиот распоред на седишта во домот на европските пратеници носи значителни политички промени. Па така, групата на Зелените која беше четврта сила до сега изгуби седум седишта и падна на 63, додека екстремно десната партија “Идентитет и демократија“ добива три седишта и се искачува на 73 пратеници.

Но, за разлика од другите политички сили во Европскиот Парламент, екстремната десница е расцепкана и нема една единствена платформа. Покрај “Идентитет и демократија“ постојат уште неколку групи од крајната десница кои не успеваат да се обединат.

Заминувањето на Британците остави 73 седишта што треба да се пополнат. Победник на новиот распоред е групата на Либералите позната под новото име “Обнова Европа“ (каде членува и македонската ЛДП).

Либералите добиваат шест дополнителни седишта кои ќе им бидат доделени на дански, ирски, шпански, италијански и француски европратеник.

Европската народна партија добива пет нови пратеници, социјалдемократите четири, а партијата на конзервативците – три.

Важно е да се напомене дека не сите поранешни британски седишта се прераспоредени. Само 27 се дистрибуирани, останатите се чуваат во резерва за идните земји членки на ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...