И покрај тоа што се очекува годинава да биде една од поуспешните години за градежништвото, голем дел од компаниите ќе треба да се затворат, бидејќи кадарот заминува во странство. Дополнитлено компаниите ќе станат нефукционални ако земјава навреме не донесе закони и подзаконски акти во кои се усогласува со европските стандарди и не ги прифати еврокодовите.
Ова беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на која беше констатирано дека стручноста на домашните експерти не е доволно искористена во однос на креирањето на законската регулатива. Законите за градба и за урбанистичко планирање не се донесени, но иако Законот за градежни материјали е донесен има проблем во неговата имплементација.
Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Комората рече дека и натаму меѓу клучните проблеми во секторот е недостигот на кадар.
– Иселувањето од земјава го намали бројот на работници во градежништвото. Веќе имаме недостиг и на инженери освен работници, затоа за градежниците од висок приоритет стана донесувањето на новиот Закон за работни односи во кој треба да се обезбеди поголема флексибилност кога станува збор за работниците и плаќањето на секоја прекувремена работа – вели Серафимовски.
Горлив проблем за градежниците е и тоа што со влезот во Европската Унија, дел од компаниите ќе се најдат надвор од пазарот, бидејќи нема да работат според европските стандарди и нема да ги имаат имплементирано еврокодовите.
– Нашите градби се квалитетни и според признаени стандарди, но има други прописи и правила кои во материјалите диригираат специфичности кои се бараат во ЕУ доколку ние навреме не се усогласиме и ги имплементираме во работата половина од нашите компании, институти и факултети ќе бидат нефункционални при влезот во ЕУ – додаде тој.
Според него, алармантна е состојбата со еврокодовите за кои се потребни три години само за едукација на кадарот за нив.
– Затоа државата мора да реагира, без нејзина поддршка нема ништо да направиме или ќе бидеме принудени во пет до дванаесет да препишуваме туѓи критериуми – рече Серафимовски.
Мери Цветковска, професорка и претседател на Друштвото на градежни конструктори појасни дека во земјава се гради квалитетно, а воведувањето на еврокодовите е да се изедначиме во критериумите за проектирање на објектите со цела Европа.
– На пример проектант од Германија кога ќе дојде во Македонија да биде компатибилен, односно да може да врши проектирање доколку само му ги понудиме нашите национални анекси. Разликата ќе биде само во националните анекси – рече таа.
Од Здружението за градажништво се задоволни што и покрај исселувањето на населението се продаваат становите, а цената се движи околу 1.000 евра за метар квадратен во Општина Центар. Во другите градови цените се пониски, но интересен е податокот дека во Битола расте процентот на продажба на деловен простор.
Здружението пред прес-конференцијата потпиша Меморандум за соработка со Друштвото на градежни конструктори, Здружението за патишта и Здружението за големи брани.