Харадинај: Нема да ја гласаме владата на Курти, остануваме во опозиција

118
ФОТО: EPA/VALDRIN XHEMAJ

Косовскиот премиер во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај изјави дека неговата партија нема да гласа за владата што ќе ја предложи мандатарот и лидер на Движењето Самоопределување Албин Курти на собраниската седница закажана за таа цел за в понеделник, 3 февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.

На чествувањето пред споменикот на херојот на Косово, Захир Пајазити во центарот на Приштина, по повод 23-годишнината од неговото загинување, Харадинај рече дека неговата партија ќе остане во опозиција, како што одлучи веднаш по објавувањето на резултатите од вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври.

Тој нагласи дека ААК „не е дел од некој политички договор“ и воедно изрази сомнежи во однос на функционалноста на евентуална малцинска влада.

– Секако дека се закажа (собраниската седница за гласање за влада), затоа што истекува и законскиот рок, 3 февруари е последниот ден. ААК не е дел од некој политички договор и ние нема да ја гласаме таа влада. Не знам дали воопшто ќе има малцинска влада и како таа би функционирала, изјави Харадинај.

Мандатарот Курти побара одржување на пленарна седница, на која ќе го предложи составот на неговиот кабинет, и покрај тоа што се уште нема постигнато договор за коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), и по три и пол месеци преговори од одржувањето на изборите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...