170 смртни случаи од коронавирус во Кина, во Франција има петти случај

92

Здравствената комисија на кинеската провинција Хубеи, во која прво изби епидемијата на коронавирус, соопшти дека бројот на смртни случаи се зголемил на 162 до 29 јануари, а вкупно во Кина се 170.

До крајот на вчерашниот ден беа потврдени вкупно 7.736 случаи на коронавирусна инфекција, при што се сомнителни се уште 12.167 лица, соопшти комисијата. Од нив, 1.239 лица се во критична состојба.

Странските влади забрзано ги евакуираат своите граѓани од таа област, а Светската здравствена организација изрази „сериозна загриженост“ за ширењето на вирусот што се пренесува од човек на човек.

Во меѓувреме, финските власти потврдија за прв случај на коронавирус во државата.

Франција го потврди петтиот случај на инфекција со коронавирус од Кина. Станува збор за ќерка на 80-годишник веќе хоспитализиран со истата дијагноза, изјави синоќа министерката за здравство Ањес Бузин.

Таа додаде дека два авиона летаат од Франција кон Кина – по првиот во средата, вториот лет ќе биде утре – со намера да ги евакуираат француските државјани од кинескиот град Вухан, епицентарот на инфекцијата.

Франција минатата недела ги потврди првите три случаи на инфекција со коронавирус во земјата, а овој вторникот, четвртиот.

– Сега имаме пет случаи, од кои два се под надзор – рече Бузин на прес-конференција.

Комисијата за вонредни состојби при Светската здравствена организација денеска повторно ќе заседава, третпат оваа недела, за да процени дали новиот вирус што се шири од Кина претставува вонредна закана на меѓународно ниво.

„Одборот ќе го советува генералниот директор дали епидемијата претставува вонредна здравствена состојба на меѓународно ниво и кои препораки треба да се спроведат“, се наведува во соопштението на СЗО.

Комисијата, што е составена од 16 независни експерти, минатата недела двапати не  прогласи вонредна состојба на меѓународно ниво.

Американскиот претседател Доналд Трамп формираше работна група за борба против ширењето на новиот коронавирус од Кина.

Според портпаролката Стефани Гришам, работната група веќе одржала три состанока во рок од неколку дена.

„Работната група ќе ги координира напорите на администрацијата за следење, контролирање и спречување на ширење на вирусот и ќе гарантира дека Американците имаат најточна информација за здравјето и патувањата, се наведува во соопштението.

Белата куќа истакнува дека ризикот за зараза кај Американците останува низок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...