Државниот завод за ревизија врши меѓу 50 и 60 ревизии во годината за различни институции и дава препораки за подобрување на нивната работа, а таму каде ќе утврди незаконско работење или има сомнеж за незаконско работење го проследува извештајот до Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија и Министерството за внатрешни работи. Во текот на 2016 и 2017 година врз основа на вакви извештаи се покренати предистражни постапки, а изречени се прекршочни пријави.
Ова го посочија учесниците во денешната дебата насловена „Имплементација на препораките на Државниот завод за ревизија – врвен општествен приоритет“.
– Клучен проблем е што во голем дел од извештаите на Државниот завод за ревизија има недостаток на постапување по препораките односно за околу 30 до 40 проценти од препораките што се дадени нема поврат на одговор од страна на институциите, рече Дамир Незири од Фондацијата за демократија Вестминстер.
Тој додаде дека во периодот 2016 и 2017 има десетина извештаи од Државниот завод за ревизија што се проследени до ЈО и според информациите оттаму веќе се водат предистражни постапки.
Анализата за следење на работата на Државниот завод за ревизија покажува дека во 2017 година до ЈО се поднесени извештаите за ЕЛС Прилеп, клиниките за пулмологија и алергологија, за трауматологија, за ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар, а до Комисијата за спречување корупција се поднесени ревизорските извештаи за Универзитетот за информатички науки и технологија „Свети Апостол Павле“ Охрид и Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија. Постапките, како што стои во анализата, се во тек.
За Незири клучна точка на која треба да се насочи фокусот во иднина е како да се направи поголем притисок врз институциите да ги почитуваат и да ги имплементираат препораките.
Според него, има неколку механизми преку ЈО, Антикорпциската комисија, Собранието, но и медиумите и граѓанското општество. Целта е работата на институциите да стане поефективна и поефикасна, што би значело и заштеда на граѓанските пари.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет, исто така, посочи на зајакнување на капацитетот на Државниот завод за ревизија, но и на поголема соработка со другите институции и граѓанскиот сектор.
– Државниот завод за ревизија не може да работи самостојно. Тие зависат и од други институции што работат во иста насока и меѓу нив се и институции надвор од структурата на Владата. Овој проект ги носи заедно граѓанските организации и институциите од државата како што се Државниот завод за ревизија и Собранието. Се прави партнерство и се зајакнува капацитетот, рече Гарет.
Пратеникот Драган Цуклев рече дека во последниот период со дел од колегите разгледуваат различни модалитети за поголема употреба на ревизорските извештаи од страна на Собранието.
– Во консултација со експерти од граѓанскиот сектор и со претставници од ДЗР, се разгледуваат повеќе опции за тоа како да се користат ревизорските извештаи и дека во самата Комисија за финансирање и буџет постои расположение за продлабочување на употребата на ревизорските извештаи со цел зголемување на ефикасноста на надзорната улога на собранието во делот на извршување на буџетот, рече Цуклев.
Габиела Димковска од Центарот за економски анализи посочи дека една од опциите е извештаите е да се разгледуваат на пленарна седница, друга на Комисијата за финансирање и буџет или пак во поткомисија која ќе биде задолжена за разгледување на овие извештаи.
Денешната дебата беше завршен настан на проектот „Зајакнување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“ што во изминатите две години беше спроведуван од страна на Фондацијата за демократија Вестминстер во соработка со Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии, а со поддршка на Британската амбасада во Скопје