Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) најави дека во соработка со граѓанскиот сектор бара консултант за развој на заедничка методологија за мониторинг на хидроенергијата во Албанија и земјава.
Во соопштението на ЕБОР се посочува дека ангажманот на консултантот ќе почне во текот на првиот квартал на 2020 година и ќе трае 18 месеци.
Според ЕБОР, проектот предвидува развој на методологија за мониторинг на хидроенергијата во Албанија и земјава и усогласување протокол за следење меѓу релевантните заинтересирани страни.
Се проценува дека целиот проект ќе чини 120.000 евра, средства што ќе бидат обезбедени од посебен фонд на Банката.
„Проектот го поддржува пристапот на ЕБОР за инвестициски проекти во хидроенергетскиот сектор, односно за користењето на највисоките еколошки и социјални стандарди и воведување позитивни меѓународни практики во овој сектор, како и за помош во планирањето на одржлив хидроенергетски развој преку политики и иницијативи за техничка соработка“, соопшти ЕБОР.
Иако, хидроенергијата потекнува oд обновливите енергетски извори, ЕБОР сепак посочува дека изградбата и работењето на хидроцентралите предизвикаа загриженост околу загрозување на животната средина, особено на водните ресурси и како и поради влијанијата врз екосистемите и биолошка разновидност.
– Повеќето хидроцентрали (во регионот) се со мала или средна големина, но сепак нивниот број и изградба во области со голема еколошка вредност, претставуваат предизвици за животната средина – наведува Банката.