Црногорскиот премиер Душко Марковиќ го повика денеска поглаварот на Српската православна црква во Црна Гора, митрополитот црногорско-приморски Амфилохие на дијалог околу спорните точки од Законот за слобода на вероисповед. Црногорскиот парламент го усвои законот кон крајот на 2019 година, а српската Црква го оспорува.
СПЦ на законот гледа како на „параван за одземање на црковен имот“, па во речиси сите црногорски градови двапати неделно организира протестни маршеви по вечерните молитви, на кои присуствуваат и по неколку илјади граѓани, пренесува Хина.
„Подготвени сме уште еднаш, заеднички да ги согледаме најдобрите решенија за примена на член 62-64 од Законот, и секако, преку дијалог и можен консензус да отстраниме секаква дилема и сомневање околу користењето цркви, храмови и манастири, односно нивната идна намена“, се посочува во писмото од Марковиќ до Амфилохие.
Токму тие три члена од Законот го регулираат прашањето за сопственост над црквен имот, односно пропишува дека верската заедница мора да ја докаже сопственоста над верскиот објект кој е изграден пред 1918 година, бидејќи во спротивно тој објект ќе биде третиран како културно наследство на Црна Гора.
Марковиќ, во писмото објавено на Твитер, го уверува Амфилохие дека извршната власт е подготвена да направи дополнителен напор за православните граѓани во Црна Гора да појдат на еднаков и заеднички пат.
По претходната средба меѓу Марковиќ и Амфилохие, СПЦ преку просрпски пратеник поднесе три амандмани на законот, но владејачкото мнозинство ги одби.
За оваа тема минатата недела реагираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој побара официјална Подгорица да разговара за спорните точки со патријархот на СПЦ во Белград, но Црна Гора порача дека разговор ќе се води исклучиво со „митрополитот Амфилохие и свештениците кои тој ќе ги одбере“.