Турција треба да запре да ја употребува вонредната состојба како оправдание за апсење и затворање на активисти за заштита за човекови права, новинари и лидери на невладини организации, се вели во извештај на Амнести Интернешнел.
Според невладината организација за заштита на човековите права, турската Влада продолжува да ја користи вонредната состојба за да го намали просторот за опозициски или алтернативни ставови.
Вонредната состојба во Турција беше воведена на 20 јули 2016 година, неколку дена по неуспешниот обид за преврат зад кој според турските власти стои организацијата на Фетулах Ѓулен кој живее во САД.
Според податоци на Амнести Интернешнел, од тогаш повеќе од 170 илјади државни службеници останале без работа, а против сто илјади се водат истраги. Над 50 илјади лица се во притвор и очекуваат против нив да почне судски процес.
Организацијата тврди дека многумина од уапсените немаат никакви врски со Ѓулен и се само активисти или новинари.
– Време е Турција да ја укине сегашната вонредна состојба и престрогите мерки кои беа воведени во рамките на режимот и кои излегуваат вон законските мерки за борба против заканите за националната безбедност, пред да дојде до тоа во Турција да не остане независно критично граѓанско општество, пишува во извештајот.
Против претседателот на локалната канцеларија на Амнести Интернешенл Танер Кјалач и директорот за Турција Идил Есер се покренати обвиненија за тероризам.