Нема вонредна состојба на глобално ниво поради новиот корона вирус

Инфицирани со корона вирус има и во Јапонија, Филипините, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и САД.

153

Светската здравствена организација соопшти дека нема да прогласи меѓународна вонредна состојба во сферата на јавното здравје поради новиот корона вирус што се појави во Кина.

Експертите на СЗО посочија дека не гледаат причина за таков потег во оваа фаза, но сепак сметаат дека е неопходно денеска да продолжат дискусиите за прашањето во Женева.

Кинеските власти го известиле СЗО на 31 декември за појавата на досега непознатата пневмонија во централниот град Вухан, со население од 11 милиони луѓе. На 7 јануари кинеските експерти ја идентификуваа причината за заболувањето – корона вирус 2019-nCoV.

Возовите и авионите се запрени од вчера во Вухан за да се ограничат ризиците од меѓународно ширење на заразата.

Според ажурираните бројки, властите во Кина потврдија 17 смртни случаи на корона вирус, а 554 други се заразени. Пациентите со корона вирус се во Вухан, Пекинг, Шангај, Шенжен и во други градови. Инфицирани со корона вирус  има и во Јапонија, Филипините, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и САД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...