Австриската министерка за европски прашања Каролина Едштадлер најави дека ќе направи барање за нов договор на ЕУ на конференција за иднината на Европа и истакна дека Виена ја поддржува реформата на процесот за проширување за тој да биде побрз и појасен.
Едштадлер рече дека ЕУ мора заеднички да решава големи проблеми, а малите да им ги препушти на членките.
Кога станува збор за процесот за проширување таа е голем оптимист дека тој ќе продолжи.
– Тоа е поради разговорите во Париз, бидејќи јасно беше ставено до знаење дека тие не сакаат да ги одложат пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Во исто време, Франција сака реформа на процесот за пристапување. Ние ја поддржуваме таа реформа, бидејќи сметаме дека тој процес мора да биде побрз и појасен за државите, кои прават многу за пристапување, да добијат што побрзо можност за членство – рече Едштадлер.
Според неа, новата Влада на Австрија, е решена да игра важна улога во Европа.